Нема докази дека вакцините против ковид-19 влијаат врз плодноста кај мажите или жените
Не е докажано дека ковид-19 вакцините влијаат врз квалитетот на сперматозоидите, односно врз плодноста ниту кај мажите ниту кај жените.
Не е докажано дека ковид-19 вакцините влијаат врз квалитетот на сперматозоидите, односно врз плодноста ниту кај мажите ниту кај жените. Точно е дека квалитетната сперма сè повеќе се бара на пазарите и дека нејзината цена расте. Постот што го рецензираме, ваквиот факт го злоупотребува со цел да шири дезинформација дека вакцината против ковид предизвикува стерилитет.
Пост на Фејсбук ја уверува јавноста дека сперматозоидите на невакцинираните мажи ќе станеле новиот инвестиционен Биткоин! Ваквата најава се поткрепува со тврдењето дека оние кои се вакцинирале против ковид-19 нема да можат да создадат семејство и да се размножуваат. Ова е дезинформација, бидејќи ковид вакцините немаат никакво влијание врз плодноста.
Се очекува дека на долг рок, вакцинираните против Ковид-19 ќе почнат да покажуваат несакани ефекти и нема да можат да се размножуваат. И тогаш оние мажи кои не биле вакцинирани ќе бидат побарувани! Жените ќе бараат такви мажи. Затоа, некои и сега почнуваат да се снабдуваат со сперма! Се купуват фрижидери и се полнуваме до крај. Некој дури и мисли д да се збогати со продажба на сперма! На пример, Шведска навистина доживува криза со донатори на сперма. Луѓето не одат на клиники се плашат да не фатат ковид-19. Како резултат, акциите на компанијата Спермосенс, која ги проучува проблемите со плодноста кај мажите, всушност ги надминаа и Биткоин и златото според профитабилноста во првата половина на 2021 година, се тврди во постот.
Идејата дека сперматозоидите од невакцинираните мажи ќе ја надминат вредноста на биткоинот и златото, лебди на Твитер од почетокот на годинава, кога почнаа да се аплицираат вакцините против ковид-19. Профилите кои шират пропаганда и кои ги засилуваат антиваксерските дезинформации, ја прифатија оваа идеја.
Како што пишуваа медиумите во изминатите месеци, сето ова се случува додека Шведска, исто како и САД, се соочува со интензивен недостиг на сперма. Донаторите избегнуваат да одат во болниците поради пандемијата со коронавирусот, одложувајќи ги оплодувањата.
Остануваме без сперма. Никогаш не сме имале толку малку донатори како минатата година , изјавила Ан Турин Кјелберг, шефицата на одделот за репродукција на Универзитетската болница во Гетебор.
Ковид вакцините не ја менуваат ДНК
Идејата дека спермата содржи ковид-19 антитела или други компоненти (како тригер за аутизам или чиповите на Бил Гејтс) е погрешна. Ковид-19 вакцините не ги ослободуваат нивните компоненти во или надвор од телото.
Всушност, вакцините дури и не влегуваат во јадрото, каде што е зачувана ДНК и не им се дава можност да ги модифицираат гените. Како што објави американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), ниту една од вакцините не содржи жив вирус.
Ова, исто така, значи дека нема докази кои покажуваат дека вакцините влијаат врз плодноста кај мажите (или жените).
Вакцините против ковид-19 не го менуваат нашиот генетски материјал (ДНК). Тие содржат безопасни протеини кои предизвикуваат одговор во нашиот имунолошки систем. Нашите системи ги разградуваат тие протеини и ги исфрлаат надвор.
Спермата не е „пазар со мала побарувачка и голема понуда“
И покрај тоа што нема докази коишто сугерираат дека невакцинираната сперма треба да се цени на различен начин од вакцинираната, концептот на пазарите кои претпочитаат „висококвалитетни сперматозоиди“ е точен.
Неколку години наназад, Вајс забележува дека единечните шишенца со сперма се продаваат од 370 до 890 долари на познатиот „пазар на плодност“, во зависност од квалитетот на ДНК.
Според Вајс, спермата не е „пазар со мала побарувачка и голема понуда“. Оние кои сакаат да направат бебиња ин витро навистина сакаат сперма со највисок квалитет: „Сперматозоиди образовани на колеџ, без болести и физички аномалии“.
За да се одреди која сперма е добра потребно е многу работа (и тестирање), а тоа придонесе цените за едно шишенце сперма да пораснат.
Од сето ова можеме да заклучиме дека не постојат докази дека ковид-19 вакцините влијаат врз квалитетот на сперматозоидите, односно вакцините не влијаат врз плодноста, ниту кај мажите, ниту кај жените. Точно е дека квалитетната сперма сè повеќе се бара на пазарите и дека нејзината цена расте. Постот што го рецензираме, ваквиот факт го злоупотребува со цел да шири паника дека вакцината против ков предизвикува стерилитет. Објавата има за цел да дезинформира и е дел од антиваксерските кампањи.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар.