Од само еден дневен извештај за состојбата со ковид-19 не може да се носат заклучоци за севкупните трендови
Податоците за нови случаи на коронавирус од само еден ден не може да се толкуваат како тренд за зголемување на бројот на заразени. Дополнително, во текстот не постои ниеден извор којшто тврди дека итно мора да се преземат мерки. Истиот ден кога е објавен текстот, министерот за здравство, Венко Филипче, во изјава за медиумите не најави заострување на мерките.
Податоците за нови случаи на коронавирус од само еден ден не може да се толкуваат како тренд за зголемување на бројот на заразени. Дополнително, во текстот не постои ниеден извор којшто тврди дека итно мора да се преземат мерки. Истиот ден кога е објавен текстот, министерот за здравство, Венко Филипче, во изјава за медиумите не најави заострување на мерките.
Рецензираме пост на Фејсбук, преку кој се споделува вест со сензационалистички наслов, којшто има за цел да го предизвика читателот да кликне на текстот, а откако ќе го стори тоа, да се соочи со фактот дека содржината што ја чита не кореспондира на насловот. Насловот треба да ја соопштува најважната поента на текстот, a во случајов е кликбејт, со намера да изнуди посета на страницата. Но, исто така, е и дезинформациски и крева паника, бидејќи податоците за нови случаи на коронавирус од само еден ден, не може да се толкуваат како тренд за зголемување на бројот на заразени.
Насловот гласи:
Денес многу рано излегоа резултатите, бројките во нагорна линија под итно мора да се преземат мерки
Ама, кога ќе се прочита содржината на текстот, се гледа дека станува збор за вообичаен дневен извештај на заразени од ковид, каков што здравствените власти издаваат секој ден од почетокот на пандемијата досега. Иако, во насловот се вели дека многу рано биле објавени резултатите, сепак на почетокот на пандемијата беше објаснето дека дневните извештаи се однесуваат на претходните 24 часа, На почетокот на пандемијата кога немаше голем број заразени и починати (како што нема ни во моментот на пишување на оваа рецензија), тие беа објавувани до пладне, односно до 12 часот и се однесуваа на претходните 24 часа. Таков е случајот и сега, тајмингот на објавување на статистиките не претставува индикатор за какви било невобичаени активности, особено во состојба на епидемиолошка стабилност.
Институтот за јавно здравје, кога го изготвува неделниот извештај за епидемиолошката состојба со ковид, прикажува податоци од седум или четиринаесет денови, затоа што се потребни такви статистики и анализи за да се изведат заклучоци. Од извештај од еден ден не може да се констатира тренд. Во текстот не постои ниеден извор, којшто тврди дека итно мора да се преземат мерки и нема ниту аргументација зошто тие мерки би требало да се преземат.
Дополнително, во дневниот извештај што е цитиран, не е регистриран ниту еден смртен случај како последица на ковид. Болничките капацитети не се оптоварени, ковид центрите во најголем дел се затворени и клиниките се вратени во основната функција, односно намената за која служеа пред пандемијата. Во земјава нема ниту една рестриктивна мерка, освен да се носат маски на затворен простор. Дозволена е организација на настани на отворено и затворено, автобускиот превоз функционира со стопроцентен капацитет на пополнетост, границите се отворени, не се бара ПЦР тест за влез во земјава, нема задолжителен карантин.
Нема најава за построги мерки
Дента кога е објавена оваа информација (06.07.2021), министерот за здравство, Венко Филипче, одговараше на новинарски прашања поврзани, меѓу другото, со детекцијата на 8 случаи на делта сојот во земјава (во моментот на изјавата дел од нив суспектни, но потоа потврдени), односно, одговараше на новинарски прашања дали ќе има заострување на мерките. Во тој контекст Филипче само кажа дека Комисијата за заштита на населението од заразни болести ќе заседава за овие прашања, но од тонот на изјавата не беше евидентно дека најавува заострување на мерките, бидејќи зборуваше за тоа дека притисокот врз болниците е мал, дека во некои ковид одделенија нема ниту еден пациент и најави координација со министрите за здравство на соседните земји, за да се заземе поорганизиран пристап.
На 6:20 мин. од видеото тој вели:
Мислам дека треба да имаме еден поорганизиран пристап. Ќе разговарам денеска и утре со колегите од регионот, Србија Албанија, Косово во рамките на комуникацијата што ја отворивме да заземеме заеднички ставови. Излегуваат соодветни издржани публикации за тежината на клиничката слика и ефикасноста на вакцините. За клиничката слика немаме податоци дали има потешка слика. Некои публикации укажуваат дека нема, но рано е тоа да го потврдиме. Во однос на ефикасноста на вакцините сите штитат од смртен исход и тешка клиничка слика.
Од 8-мата минута на видеото, запрашан дали ќе има нов состанок на Комисијата за заразни болести поради делта варијантата, тој посочува:
Ќе разговараме на Комисијата после новите случаи. Генерално, и покрај тоа што се регистрираат во овој момент, нема притисок во болниците. Нема ни прегледи. Од денеска во болницата во Битола не се лекува ниеден пациент. Последниот е испишан. Во Охрид е останат само еден пациент. Не гледаме притисок во болниците. Ја следиме ситуацијата.
Така што, не постојат извори, ниту индиции дека мерките мора итно да се заострат, како што сензационалистички се тврди во насловот. Констатацијата дека бројките се во нагорен раст, базирана на податоци од само еден ден, кога се регистрирани 16 случаи и ниту еден починат, претставува дезинформација.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар