Од ЈП Колекторски систем задоволни од процентот на наплата
Во Охрид и Струга наплатата е преку 65 проценти. Сопствениците на викенд станови добиваат сметки само доколку имаат потрошена количина вода.
Добар е процентот на наплата за услугите од ЈП „Колекторски систем“. Од почетокот на оваа година корисниците кои имаа добиено сметки за потрошена количина вода добиваат сметки и од ЈП „Колекторски систем“. За услугата одведување и пречистување на отпадни води плаќаат редовните корисници на домаќинствата од Охрид и Струга, а додека сопствениците на викенд станови добиваат сметки само ако имаат потрошено вода, информира Владимир Алексијоски, директор на ЈП „Колекторски систем“.
Засега сме задоволни со наплатата за услугата за одведување и пречистување на отпадните води од колекторскиот систем. Но, треба уште да се работи. Како почетници, од јануари до денес, може да се пофалам дека преку 65 проценти е наплатата за оваа услуга, ама сепак, мора да ја подигнеме на повисоко ниво наплатата – истакна Алексијоски.
Граѓаните добиваат сметки во хартиена форма преку Македонски пошти, а може и да се регистрираат на сајтот на ЈП „Колекторски систем“ за електронска наплата.
Премногу добро ни работи електронската наплата со што се намалуваат редиците за чекање. Секој сопственик на викенд стан каде и да живее во земјава или странство има увид и ги плаќа сметките кои се издадени. Ние на непотрошена количина вода не наплаќаме сметки – додава Алексијоски.
Корисниците имаат целосен увид во картицата во системот за наплата и во секое време можат да видат кои сметки се платени или не. При уплата се користи шифрата која ја имаат водоводните претпријатија од Охрид и Струга, информираат од претпријатието.