Масовен одзив на Првиот меѓународен пливачки митинг „Охрид опен 2021“
Со учество од над 200 пливачи од земјава и соседните земји се возобнови по подолга пауза ваквата традиција во градот. Спортската манифестација го врати некогашниот сјај и живост на пливачкиот базан на СРЦ Билјанини извори.
Одржан првиот меѓународен пливачки митинг „Охрид опен 2021“. Пливачката манифестација се одржа по пауза од една деценија. Пливачките вештини ги одмерија 18 клубови од земјава и регионот. Учествуваа над 200 пливачи во машка и женска категорија. Организатор на Пливачката манифестација е ПК „Акваспирит“ од Охрид. Претседателот на ПК “Аква спирит” Миле Јовановски напоменува дека се презадоволни од тоа како протекол настанот, но и од постигнатите резултати на охридските пливачи.
Локалните пливачи, за жал немаат услови за работење во текот на цела година, но правиме напори, импровизираме за да дојдеме до една респектибилна бројка која ќе влезе и ќе застане рамо до рамо со сите клубови кои имат подобри услови за работа од Охрид.
Масовниот одзив на митингот значи дека општина Охрид, но и останатите општини од поблиското опкружување се жедни за вакви настани.Пливачите сакаат да се натпреваруваат. Ние сме должни како спортски работници и тренери да преземеме одговорност и тоа да им го понудиме на децата – вели Јованоски.
Покрај трите охридски пливачки клубови „Охридски бранови“, „Аква спирит“ и „Пливај и уживај“, учествуваа и клубови од Скопје, Битола, Струга, Штип, но и пливачки клубови од Крушевац, Приштина и Тирана. Натпреварите се одвиваа во шест возрасни категории, во сите пливачки стилови на 50 метри и 100 метри. Натпреварувањето го следеа 20 судии. Успешно организираниот пливачки митинг ги мотивира спортските работници во иднина манифестацијата да прерасне во традиција.
Не само што планираме да прерасне во традиција туку првото издание не обврзува да продолжиме понатаму. Сите школите по пливање во летните месеци ги посетуваат над 400 деца. Тие заслужуваат настан каде што ќе ги одмерат силите и ќе покажат што научиле. Во тек е изградба на затворениот пливачки базен за кој се надеваме дека за скоро да се стави во функција и ќе мотивира што поголем број на деца да се посветат со овој племенит спорт – додава Јованоски.
На отворањето на манифестацијата „Охрид опен 2021“ присуствуваше градоначалникот Константин Георгиески. Во обраќањето им посака на младите пливачи многу успех, остварување на добар пласман со желби за да постигнуваат поголеми успеси во иднина. Пливачкиот митинг се одржа со поддршка на Општина Охрид и ОО „Црвен крст Охрид“, но и со бројни помагатели од градот, пријатели на пливањето.