Охридските угостители почнаа да ги применуваат новите мерки
Охридските угостители од денес ги спроведуваат најновите владини мерки за спречување на ширењето на корона вирусот. Отстранети се претходните соопштенија според кои локалите одлучиле да работат со 30 одсто од капацитетот за да се избегнат ковид документите. Ова следува по вчерашното допрецизирање на мерките од страна на Владата.
Охридските угостители почнаа да ги применуваат новите мерки за заштита од пандемијата кои се на сила од 16 јули. За посетителите да влезат во сите објекти задолжително е поседување на Ковид-19 документи, односно треба да приложат сертификат за вакцинација или сертификат за прележан ковид во последните 45 дена.
Од охридските локали денес се отстранети вчерашните натписи со кои посетителите се информираат дека ќе работат со 30 проценти од своите капацитети за да не бараат ковид документи.
ТВМ ги контактираше менаџерите на кафулињата како ги спроведуваат мерките, но тие не сакаа да зборуваат пред камера. Кажуваат дека ги почитуваат мерките кои вчера Владата ги допрецизира. Угостителите велат дека при проверките луѓето негодуваат. Потенцираат дека проблем немаат со странските гости и со охриѓани. Проблем се јавува со домашните гости. Многу од нив покажуваат револт и пркос дека нема да се имунизираат и се добива спротивен ефект. Не влегуваат во кафулињата и прават гужва по клупите на кејот и по парковите.
Проверката на ковид сертификатите во угостителските објекти со капацитет под 30 лица е должност на вработените лица, а објектите со поголем капацитет задолжително треба да воспостават редарска служба.
Угостителите велат дека поставените редари проверката на документите ја прават визуелно, а за можни злоупотреби на поединци не може да сносат одговорност затоа што немаат право да ги легитимираат гостите.
Но, сега ги плаши падот на посетеноста и намалувањето на прометот. За еден ден, во угостителските објекти е регистриран пад од 50% од прометот.
Останува забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани на затворено може да се организираат со исполнетост до 30 отсто од капацитетот, а максимум до 1.000 посетители со задолжително поседување, приложување и проверка на еден од задолжителните Ковид-19 документи.
Ковид сертификатитеод денеска ќе бидат потребни и за влез во затворениот дел на моловите и трговските центри.