Мала заинтересираност за субвенциониран студенски оброк
Министерството за образование и наука предвидело оваа мерка да ја искористат околу 40.000 студенти, а досега се пријавиле една третина. За оваа финансиска поддршка ресорното министерство обезбедило 15 милиони евра.
Студентите покажале мала заинтересираност за мерката субвенциониран студентски оброк од предвидениот број на Министерството за образование и наука. Досега се пријавиле околу 12.800 студенти. Според проценките на ресорното министерство право на оваа финансиска поддршка им следува на околу 40.000 студенти.
За оваа финансиска поддршка на студентскиот стандард министерството обезбедило 15 милиони евра. Месечно студентите ќе добиваат околу 2.400 денари. До истекот на рокот за пријавување останува една недела. Од ресорното министерство информираат како тече пријавата на студентите.
Пријавата за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк почна од 1 август и согласно јавниот повик трае до крајот на месецот за тековните студенти.За студентите од новата академска година и оние кои не запишале летен семестар пријавата може да ја достават до 31 октомври. Аплицирањето е едноставно. Се спроведува електронски со прикачување на два документи – пријава и изјава за обработка на лични податоци, а се наведуваат и податоци од трансакциската сметка на студентот – велат од министерството.
Право да аплицираат имаат сите редовни студенти на додипломски студии на државните и приватните универзитети, Македонски државјани. Студентите треба да бидат невработени, да не се регистрирани како индивидуални земјоделци и да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата од 15.194 денари.
Студентскиот субвенциониран оброк ќе се исплаќа на трансакциска сметка на студентот, во износ од 120 денари дневно, за секој работен ден во месецот освен за државни, верски празници и неработни денови. Ова право студентот нема да може да го остварува во периодот од 1 јули до 14 септември.