Приоритет број еден заштитата на Плаошник и Самоилова тврдина
Од НУ Завод и музеј за следната година најавуваат проекти насочени кон решавање на старите проблеми запоставувани долго време, а меѓу кои се и двата охридски археолошки локалитети. Оваа година бројни проекти се стопирани заради пандемијата.
Охридската НУ Завод и Музеј ќе продолжи со заштитата на археолошките локалитети Плаошник и Самоилова тврдина. Бројни проекти биле стопирани оваа година заради пандемијата. Но, од установата ќе поднесат проекти до ресорното министерство за добивање средства за решавање на проблеми од областа на конзервација на археолошките локалитети за идната година. Во меѓувреме, продолжуваат со заштита на археолошките локалитетите Плаошник и Самоиловата тврдина, информира директорот Мишко Тутуткоски.
Овие два локалитети ќе се приоритет број еден. Таму има многу градби кои не се конзервирани, не се реставрирани, се распаѓаат. Не може да оделее ништо на забот на времето ако не се постапува како што треба. Не би сакал да отвораме нови локалитети ако имаме проблеми со старите. Ќе се задржиме на решавање на проблемите. Почнавме оваа година кај базиликата Св. Еразмо – истакна Тутуткоски.
За следната година, се надеваат ќе бидат одобрени средства за проект за конзервација на архитектурата на градбата на базиликата Св Еразмо. Работите ќе се одвиваат етапно, поради ограничени финансиски и човечки ресурси и неможност да се работи на 50 локации паралелно. Планираат преземање активности за збогатување на археолошката понуда за туристите.
За следната година ќе имаме проекти кои ќе се насочени кон решавање на старите проблеми кои биле запоставувани долго време и мора да ги решиме. Плаошник и Самуилова тврдина се фантастични локации кои заслужуваат да бидат соодветно презентирани пред посетителите – додава директорот на Завод и музеј.
Од НУ Завод и Музеј најавуваат отпочнување на зафати на Самоиловата тврдина за скоро време. Се планира партерно уредување на јужната половина од тврдината. Овој дел од тврдината е запоставен скоро 10 години. Долго време не е активен и е затворен за посети и делот од археолошкиот локалитет на Плаошник, со исклучок на делот кој припаѓа на МПЦ. Мора да преземеме активности за да го оспособиме за туристички разгледи и делот кој припаѓа под нашата установа, вели Мишко Тутуткоски, директорот на НУ Завод и Музеј, Охрид.