Skip to main content

Сообраќајот во Струга еден од главните проблеми на граѓаните

Пребрзо возење, непочитување сообраќајна сигнализација, недостаток на соодветни сообраќајни решенија, непрописно паркирање, се дел од забелешките на стружани, кои ги пријавуваат во рубриката „Ти си твојот град” на ТВМ телевизија. Граѓаните предлагаат нови сообраќајни решенија за поголема безбедност во сообраќајот, но и поригорозни казни од страна на полицијата.

 |  Соња Рилковска  | 

Сообраќајот во Струга еден од главните проблеми на кои се жалат граѓаните. Во рубриката на ТВМ телевизија „Ти си твојот град”, пристигнаа неколку пријави, кои се однесуваат на проблеми од сообраќајната сфера. Пребрзо возење, непочитување сообраќајна сигнализација, недостаток на соодветни сообраќајни решенија, непрописно паркирање, се дел од забелешките на стружани.

Граѓаните ни пишуваат:  „Во Струга колите се паркират на тротоари, стават 4 жмигавци и се паркират сред пат, блокирајќи го собраќајот. Не знам каде се крие полицијата, ама освен пајакот што се шета низ некои места во градот, ниедна мерка не се презема. Возат како луди, сред град (обично од кај кружниот тек кај Женска плажа), а полицијата не презема ништо.

-„Се почитуваат ли сообраќајните правила во Струга? Не баш. Има доста такви проблеми во Струга само си има полиција”.

-„Ако седите овде еден час сега во исто време ќе видите. Воопшто не се почитуваат. Сега нема многу туристи, но кога доаѓаат деца обавезно некоја сообраќајка има токму овде.

-„Никако не се почитуваат, нема почитување на сообраќајни правила. Возачите како ќе им текне така возат, нема почитување.“

Граѓаните предлагаат нови сообраќајни решенија за поголема безбедност во сообраќајот, но и поригорозни казни од страна на полицијата.

-Мора да се стават семафори за пешаците кај мостот – хотел Дрим и преминот Корзо – пазар. Луѓето еден по еден поминуваат и секогаш се прави колона, често имаа сообраќајни несреќи. Ако има семафори во овие места, собраќајот ќе се олесни, пишуваат граѓани во рубриката „Ти си твојот град”.

-„Треба поголеми казни особено за тоа што се создава голема бука со моторите. Со моторите вадат делови од ауспух и не можеш да спиеш ние покрај пат што имаме станови. Опасно е.“

-„Треба казна, влезе во градот табли само дозволени 30 км повеќе никако.“

Од СВР Охрид велат сообраќајната полиција постојано делува за зголемување на степенот на безбедност во сообраќајот.

„Во текот на летната сезона во Струга поради зголемениот бро на патнички возила, полицијата преземаше засилени контроли и мерки на полето на сообраќајот.  Мерките беа насочени кон патничките возила кои беа непрописно паркирани и оставени на коловозот, кон сите други кои не ги почитуваа одредбите кон законот за безбедност во собраќајот. Активностите беа и во соработка со специјалното возило пајак кое ги отстрануваше, а се казнуваа и возачи кои возеа со поголема брзина од дозволеното во населено и вон населено место. “ вели Стефан Димоски портпарол на СВР Охрид.

Полицијата поднела соодветни пријави против сите кои ги прекршиле законските  одредби.