(ОБНОВЕНО) Враништани излегуваат на протест по трет пат
Враништани за утре најавуваат едночасовен прекин на сообраќајот на магистралниот пат Струга-Дебар. Бараат подобра комунална инфраструктура. Негодуваат дека 3 децении се запоставени комуналните потреби на жителите од сите досегашни политички структури кои биле на власт.
Едночасовна блокада на патниот правец Струга-Дебар најавуваат враништани на утрешниот протест. Жителите од ова струшко село по трет пат на овој начин сакаат да го свртат вниманието на општинските власти за да ги слушнат нивните барања за подобрување на основните комунали услови за живот, информира Иванчо Милески, претседател на МЗ Враништа.
Немаме канализациона мрежа досега, не постои, а во архивот во Скопје постои дека Враништа има канализациона мрежа. Да се постават цевки и да има приклучување во колекторската станица. Водоводната мрежа е многу стара. Обнова на нова водоводна мрежа, стари се железните цевки, зрѓани и тече на моменти и рѓа – истакна Милески.
Враништани негодуваат дека надлежните власти, општина Струга и Министерството за транспорт и врски, по двата одржани протести останале глуви на нивните барања. Милески нагласува исто како и во изминатите 3 децении кога се запоставувале нивните комунални потреби од сите досегашни политички структури кои биле на власт.
Решивме, по двата протести од споредниот пат да ги пренасочиме на блокирање на главниот магистрален пат Струга-Дебар. Ќе се блокира патниот правец по 1 час, утре на 3 септември. Ако не добиеме потврден одговор ќе настапиме и со порадикално блокирање со повеќе часови и повеќе денови – вели Милески.
Жителите на Враништа покрај главните барања имаат и неколку други како што се изградба на асфалтни улици, пешачки и велосипедски патеки и паркови. Враништа има 500 домаќинства со околу 2000 жители.