Се полнат ковид одделенијата во струшко
Во струшката болница има 35 хоспитализирани пациенти, најмладиот има 42 години. Од 604 активни случаи на корона вирусот, 21 пациент се со тешка клиничка слика на кислородна поддршка. Само 12 пациенти кои се лекуваат биле вакцинирани, но сите се во стабилна состојба.
Расте бројот на заболени од корона вирусот во струшко. Ковид одделенијата на Здравствениот дом „Д-р Светозар Чочороски” во Вевчани и Лабуништа повторно се активирани. Се лекуваат 120 пациенти, се делат по стотина терапии дневно. Покритично е во селата со мал опфат на вакцинација. Во Вевчани има само неколку активни случаи, а опфатот на вакцинација е над 70%.
Бројот на заболени е поизразен во Велешта и Лабуништа, очигледно дека причина се свадбите и прославите кои се одржуваа во периодот на доаѓањето на иселениците во странство. Додека овде конкретно во Вевчани имаме една бројка од 10 до 15 позитивни – вели Јован Стојкоски директор на Здравствен дом Вевчани.
Во струшката болница моментално има 35 хоспитализирани пациенти, најмладиот има 42 години.
Функционираме без проблеми за таа цел е подготвен и распоред и соодветно се менаџира и кадровскиот потенцијал. Во моментов имаме доволно места, внимателно ја следиме сосотојбата и подготвени сме и за други сценарија максимално искористувајќи ги нашите капацитети – вели Арменд Арслани директор на болница Струга.
Во Струга има 604 активни случаи на корона вирусот, од нив 21 пациент се со тешка клиничка слика на кислородна поддршка, додека 12 пациенти во болницата биле вакцинирани и сите во стабилна состојба. Само во месец август во Струга, како последица на Ковид-19 починаа 29 пациенти.
Новинар – Соња Рилковска