Skip to main content

Вежба на НАТО за справување со кризи во Охрид и Струга

Соочувањето на државата со можно сценарио на катастрофален земјотрес што би го зафатил Охридско-струшкиот регион и начинот на искористувањето на своите ресурси, како и помош од партнерите од НАТО во услови кога се исцрпени сите постоечки капациети за справување со кризата, е сценариото на големата вежба на НАТО „Македонија 2021“ што деновиве ќе се одржува на повеќе локации во Охрид и Струга.

 |   | 

Соочувањето на државата со можно сценарио на катастрофален земјотрес што би го зафатил Охридско-струшкиот регион и начинот на искористувањето на своите ресурси, како и помош од партнерите од НАТО во услови кога се исцрпени сите постоечки капациети за справување со кризата, е сценариото на големата вежба на НАТО „Македонија 2021“ што деновиве ќе се одржува на повеќе локации во Охрид и Струга.

На денешната прес-конференција во врска со вежбата беше појаснето дека станува збор за активности во рамки на Агендата на НАТО 2023 за цивилна подготвеност на земјите-членки на Алијансата.

Република Македонија се’ уште е во кризна состојба по однос состојбата со мигрантите. Летово се соочивме со голем број пожари, а веќе втора година се соочуваме со епидемијата на Ковид-19. Подготвувањето вежба од ваков калибар е голем предизвик, со тестирање на сите национални капацитети како земја домаќин, но и заложбите за демонстрација на подготвеност за организирање ваков голем настан – рече Урим Вејсели, директор на вежбата и одговорен за меѓународна соработка во Центарот за управување со кризи.

Главни цели на вежбата ќе биде тестирање на капацитетите и ресурсите на Системот за управување со кризи, проверка на подготвеноста на т.н. (NICS) – Напреден систем за централно следење и управување со кризи со Команден центар што во реално време ќе може да управува со сите расположиви ресурси на регионално ниво, како и проба на мерката за слободен проток на техника и луѓе преку границите меѓу членките на НАТО во случаи на кризи.

Во случај кога државата ги исцрпила сите ресурси и бара помош од партнерите, преку воспоставените меморандуми за брз проток на екипи за спасување и помош во рамки на Алијансата се овозможува избегнување на бирократските процедури што се применуваат на граничните премини во нормални ситуации – појасни Вејсели.

За првпат во Македонија се одржува хибридна вежба, со теренски и командно-штабни активности, но и симпозиум со теми од областите на цивилно-воената соработка во кризни ситуации и улогата на Армијата во случај на криза, имајќи предвид дека ангажманот на воените сили е последниот ресурс што треба да се ангажира во какви било околности.

Главниот координатор на вежбата од НАТО Вим Ванхаме нагласи дека се работи за цивилна, а не воена вежба.

Безбедноста не се остварува само преку воени средства. Мисијата на НАТО подразбира безбедност на државите-членки во воени, но и во услови на кризи и природни несреќи. Активностите и вежбите на НАТО како „Македонија 2021″ ни даваат можност да ја провериме подготвеноста на нашите цивилни капацитети за соочување и справување со кризи, но уште повеќе да ја промовираме и продлабочуваме регионалната соработка и интероперабилност. За Македонија како организатор оваа вежба претставува потврда на нејзиниот успешен пат од парнерство до членство во НАТО – рече Ванхаме.

На настанот ќе учествуваат претставници од 28 држави членки и парнери на НАТО и неколку меѓународни организации. Како што беше истакнато, вежбата ќе им овозможи на екипите за брза реакција во кризи, но и на планерите и проценителите, да разработуваат и вежбаат активности за потрага и спасување во урбана средина, но и на вода и во планина, потоа вежби на медицински тимови за итни случаи, но и активности на екипи за детекција и идентификација на хемиски, биолошки и радиолошки агенси, како и активности поврзани со дезинформации. 

 

 

Извор: Канал 5