Skip to main content

Вакцинираните мајки што дојат не си ги убиваат бебињата!

Врз база на анонимна пријава до системот ВАЕРС, дека починало бебе откако мајката се вакцинирала, се конструира невистинит заклучок дека мајките што дојат, а ќе се вакцинираат, си ги убиваат своите новороденчиња.

 |   | 

Врз база на анонимна пријава до системот ВАЕРС, дека починало бебе откако мајката се вакцинирала, се конструира невистинит заклучок дека мајките што дојат, а ќе се вакцинираат, си ги убиваат своите новороденчиња.

Рецензираме објава на Фејсбук во која се тврди дека мајките кои се вакцинирани против ковид, се „убијци на своите бебиња“.

Тврдењето се темели на пријава во американскиот онлајн систем за несакани ефекти од медицински средства и од лекови ВАЕРС. Оваа онлајн платформа како што веќе претходно имаме објаснето, дава можност секој, било да е граѓанин или пациент, лекар или медицинско лице, да пријави сомневање или индиција за несакана реакција по примање на некој лек, конкретно и за ковид вакцина.

ВАЕРС не е база на податоци за несакани ефекти

Но, системот ВАЕРС, не претставува официјална дата база на несакани ефекти. Во него пријава може да доставите дури и ако не сте сигурни дека несаканата реакција или смртниот случај е причинско последично поврзан со вакцината или лекот.

ВАЕРС системот користи метод на широк дијапазон на информации, научен пристап со кој огромен број на груби и дури и недоверливи информации се спојуваат, за да се најдaт врските меѓу нив. Индивидуалните пријави и сите детали во нив, не се потврдени и верифицирани. Станува збор за ран систем на предупредување, а не точен инструмент за мерење!

Портпаролката на Американската агенција за храна и лекови, Алисон Хантза проверувачи на факти  во САД изјавила:

Пријавените случаи на ВАЕРС се неверификувани извештаи. Тоа што некој ќе пријави несакан ефект на ВАЕРС не е документација дека вакцината го предизвикала ефектот. Кога би имало зголемен број на смртни случаи тоа би го задржало вниманието на властите. Сите извештаи за несакани ефекти од вакцинацијата ги земаме сериозно, а во случајот на ковид-19 вакцините, Центарот за контрола и превенција на болести активно е ангажиран да ја следи безбедноста на овие вакцини. Секоја пријава за смрт по администрирањето на вакцината брзо и ригорозно се истражуваат заедно со Агенцијата за храна и лекови и Центарот за контрола и превенција на болести. Се прави опсервација на секој клинички случај. Дополнително имаме и голем број начини на кои ја мониторираме самата безбедност на вакцините, вели таа додавајќи дека досега нема зголемување на смртноста поради вакцините.

Анонимна пријава

Во конкретниот случај споделен во постот, станува збор за неидентификувана пријава, односно не е ниту наведено кој пријавил! Само се кажува дека се работело за жена од Ново Мексико, која имала бебе старо шест недели, кое починало откако таа се вакцинирала со една доза вакцина на Фајзер. Но, според пријавата и според тоа што го констатирале лекарите првично кај бебето, било констатирано присуство на риновирус.

Потоа бил констатиран „Кавасаки синдром“.

Според тоа што го објавува Клиниката Мајо, „Кавасаки синдромот“ предизвикува потекување на артериите низ телото, запалението ги зафаќа срцевите артерии кои ја пренесуваат крвта со помош на срцевиот мускул. Понекогаш, „Кавасаки синдромот“ ги афектира лимфните жлезди кои потекуваат, потоа кожата, мембраната во носот, устата и грлото.

Мајката во извештајот кажала дека се породила 3 недели порано од рокот.

Во пријавата прашува дали спајк протеинот можела да му го пренесе на бебето со доењето.

Што говорат фактите?

Доењето има значителни здравствени придобивки за доилките и доенчињата. Се очекува делотворноста на вакцините да биде слична кај доилките, како и кај другите возрасни. Сепак, нема податоци за безбедноста на вакцините против ковид-19 кај жени што дојат или за ефектите од вакцините мРНК врз доенчињата. Бидејќи вакцината не е вакцина со жив вирус, а мРНК не влегува во јадрото на клетката и бргу се распаѓа, малку е веројатно да претставува биолошки и клинички ризик за доенчето. Врз основа на ваквите согледувања, на доилки што се дел од препорачана група за вакцинација, на пр., здравствени работници, треба да им се понуди еквивалентна вакцинација. СЗО не препорачува прекинување на доењето по вакцинирањето, наведува УНИЦЕФ.

Исто така, друга научна студија покажува дека во мајчиното млеко нема траги од вакцината туку само антитела. 

Истражувачкиот тим предводен од Стефани Го од Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско, пронајде дека мајчиното млеко не е компромитирано од вакцините на Фајзер и Модерна. Тие испитале 13 примероци од млеко од седум вакцинирани жени и не нашле траги од мРНК во овие примероци од млекото. 

Центарот за контрола и превенција на болести на САД препорачува вакцина и за мајките што дојат.

Вакцините против ковид не можат да инфицираат никого, ни мајката ни бебето и вакцините се ефективни во превенцијата од ковид 19 кај лицата кои дојат. Последните извештаи покажуваат дека жените што примиле мРНК вакцина имаат антитела во нивното млеко кое може да им помогне да ги заштитат нивните бебиња. Сепак, потребни се повеќе податоци за да се одреди каква заштита овие антитела му нудат на бебето, велат оттаму.

Оттука, како невистинито го оценуваме тврдењето во постот кој го рецензираме, дека мајките кои што дојат а се вакцинирани против ковид си ги убиваат децата.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар