Skip to main content

(ОБНОВЕНО) ОД ДЕНЕСКА ДО ЧЕТВРТОК ГОЛЕМА НАТО ВЕЖБА ВО ОХРИД

Во земјава се одржува првата цивилна НАТО вежба „Македонија 2021“. Домаќин на вежбата е Центарот за управување со кризи, а во организација на Нато Евроатланскиот Центар за координација на одговор при катастрофи. Подготовките со вежбите не се ограничуваат само за одбрана туку и за современи предизвици како што се природните катастрофи и човечкиот фактор.

 |  Валентина Неловска  | 

Во тек е вежбата „Македонија 2021“ во организација на НАТО Евроатлантскиот центар за координација на одговор при катастрофи (EADRCC) и Центарот за управување со Кризи (ЦУК). На денешната церемонија на отпочнување на вежбата во поранешна касарна „Генерал Михајло Апостолски“ министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја нагласи важноста од цивилната подготвеност и одржувањето на континуитетот на функционирање на институциите при справување со кризни и сложени безбедносни состојби. Посочи на заедничките евроатлантски вредности кои се двигатели на меѓусебното приближување на државите од регионот. Спасовски рече дека земјава покажа на дело дека посветеноста кон заедничките вредности не само што е можна и посакувана туку е и единствено прифатливо решение за современите предизвици.

Спомнувајќи ги предизвиците од поново време со кои се соочуваме како држави, меѓу потенцијалните ризици и закани по безбедноста на РСМ како членка во НАТО, би ги издвоил организираниот криминал, нелегалната миграција, компјутерскиот криминал и сајбер нападите, лажните вести и пандемијата со Ковид-19,  за кои во зависнсот од комплексноста за нивно откривање, спречување, е неопходен современ регионален пристап и заедничка стратегија за делување – истакна Спасовски.

На Нато вежбата беше присутен Џон Манза помошник Генерален секретар за операции на НАТО кој истакна дека членството на Македонија во НАТО носи обврски, но дава и големи можности преку вакви обуки и тренинзи да се стекнат отпорност и способност во справување со современите предизвици.  

Оваа вежба докажува дека вежбањето, тренингот не се ограничува само за одбрана и подготовка на операции кои се во тек. Ова е важно, но да се вежба способноста да се справиме од природни несреќи, катастрофи или од човечки фактор, ова е можност да се ангажираат партнерства и да решаваме заеднички проблеми со вештини, технологии, процедури и можности да се развие заедница на експерти за да се зајакне пријателството подлабоко од целите на вежбањето – вели Манза.

Стојанче Ангелов, директорот на Центарот за управување со кризи, истакна дека придобивка е што членството во НАТО дава можност да се збогатат знаењата и да се продлабочат искуствата. Вклученоста во оваа НАТО вежба дава можност да се подобрат планирањето, превенцијата и да се даде одговор при итни ситуации. Ангелов ја истакна важноста од дигитализација на системот за управуавње со кризи преку НИКС системот „Следна генеарција на команден систем за инциденти“ во нашата земја.

НИКС како алатка за просторно прикажување на податоците во реално време овозможува брза и ефикасна комуникација и координиација помеѓу субјектите при донесување одлуки за ефикасно ракување, целосно и вистинито информирање на медиумите и обезбедување информации за граѓаните во реално време со зголемување на знаењето за ризик и подигнување на свеста. Токму оваа НАТО вежба ќе биде одлична можност да се тестира функционалноста и оперативноста на овој систем – потенцираше Ангелов. 

Сценариото на вежбата разработува активности за справување со последици од катастрофален земјотрес што би го зафатил Охридско-струшкиот регион и начинот на искористување на расположивите ресурси за справување и помош од партнерите од НАТО. На вежбата учествуваат над 700 претставници од 28 држави членки и парнери на НАТО и 17 меѓународни организации. Вежбата од денеска во наредните четири дена ќе се одржува на подрачјето на Охрид и Струга.