Најлонските ќеси стануваат луксуз од 1 декември
Од први декември ќе има повисока цена на најлонските ќеси во трговијата, според новиот закон за управување со пакувања и отпад од пакувања. Досега во пракса законските решенија за нивна забрана од употреба не ги дадоа посакуваните резултати во заштита на животната средина. Сега зависи каков Правилник за биоразградливост ќе донесе Министерството за животна средина за вистинско еколошко решение, велат од Иницијатива за спречување на употреба на пластични ќеси.
Се зголемува цената на најлонските ќеси, а граѓаните ќе треба да платат 15 денари за парче. Ова е најновата измена со стапување на сила на новиот закон за управување со пакувања и отпад од пакувања кој треба да ја намали употребата на пластични ќеси. Здравко Савески од Иницијатива за забрана за употреба на пластични ќеси, вели донесувањето на овој закон е за поздравување, но со задоцнување од 1,5 година. Напоменува дека постоела ваква забрана во Македонија од 2012 година која не ја намалила употребата на пластични ќеси, туку земјата се преплавила со ваков отпад. Проблемот настанал кога спротивно на Законот, Министерството за животна средина го донесло Правилникот за биоразградливост на ќеси во 2013 година.
Оксоразградливите ќеси ги протолкува дека се биоразградливи и ги дозволи за употреба. Овде е важно за јавноста да знае дека оксоразградливите ќеси значат дека се пластични ќеси на кои се додаваат адитиви за да се разградуваат, но тоа што се разградува е микропластика која е опасна и ја вдишуваме ние и ја има насекаде во воздухот. Ако се протнат повторно со новиот правилник оксоразградливите ќеси како биоразградливи или како еколошко решение тогаш реално ништо не се направило – истакна Савески.
Охридскиот екологист, Ѓоко Зороски е оптимист дека новиот закон за управување со пакувања и отпад од пакувања ќе има позитивно влијание врз животната средина. Со новиот закон ќе се ограничи користењето на најлонските ќеси кои не само естетски ја нагрдуваат животната околина туку прават и еколошка штета кога согоруваат по депониите.
Овој закон ќе ги ограничи во прв ред сите продавници кои користат најлонски ќеси. Но, од 2022 година во секое заштитено подрачје во Македонија ќе се воведе забрана за употреба на пластиката за еднократна употреба. Тоа ќе значи во Охридскиот регион, Пелистер, Маврово, Шар Планина забрана за употреба на пакувања за храна и пијалоци вклувајќи сламки и храна која се пакува во стиропор – вели Зороски.
Постепено се стега обрачот околу употребата на пластиката во склад со директивите на Европската Унија. Во земјите на ЕУ целосно се забранети 10 вида отпадна пластика за еднократна употреба за да се намали учеството на пластика заради тешка разградливост. Оваа забрана во ЕУ стапи на сила од јули оваа година.