Се реновираат објектите на детската градинка „Јасна Ристеска“
Со реновирање на објектите се подобруваат условите за престој во охридските објекти на детската градинка „Јасна Ристеска“. Се менуваат покривите и дрвената дограма, а се планира и замена на подовите. Се најавува и етапна обнова на плакарите во сите објекти.
Во време на пандемија се реновираат старите објекти на Јавната детска општинска установа Јасна Ристеска. Реконструирани се крововите на објектот Росица, а од неодамна завршен е покривот и на објектот Билјана со средства со буџет од Јавната детска општинска установа „Јасна Ристеска“, информира Мери Рилковска, директорка на установата. За следната година се планира да се замени уште кровот на објектот Лихнида. Градинките добија нова дограма, се променија вратите и прозорците, посочува Рилковска.
Скоро е се завршено со исклучок на економскиот дел во два објекти. Додека во занималните каде што се јаслите и градинскиот дел е завршена замената на дограмата во скоро сите објекти. Објектите се стари и во некои градинки ќе треба да се реновираат подовите, да се заменат со нови – истакна Рилковска.
Според протоколите за заштита од ковид 19 се набавени и комплет постелнини, по два комплети за секое дете, во сите објекти на градинката „Јасна Ристеска“. Истотака, не се заборавени ни вработените за кои се водело грижа за нивните работни потреби во установата.
Обезбедивме и ги осовременивме и условите за работа на персоналот, обезбедивме лаптопи за сите воспитни групи за да може полесно да работат – додава Рилковска.
Од Јавната детска општинска установа „Јасна Ристеска“ имаат планови да ги променат старите плакари. Од оваа есен ќе се работи етапно во 2-3 објекти каде што е неопходна нивната обнова.