Нема капацитети и финансиски средства за одржување на заштитените подрачја во регионов и Македонија
Се работи на лоцирање на проблемите и утврдување решенија за нивно надминување во пракса. Меѓудругото се планира формирање на Завод за природа и Агенција за природа која ќе управува со националните паркови.
Здружението „Центар за истражување и информирање за животната средина Еко-свест“ организираше работилница на тема „Иднината на управување со заштитените подрачја во Македонија“. Лоцирале проблеми, нивно надминување во пракса и измена на законската регулатива, информира Ана Чоловиќ Лешкоска од здружението Еко свест. Прогласуваме заштитени подрачја, а недостасуваат капацитети за нивно управување и финансиски средства за одржување, вели Чоловиќ Лешкоска од Еко свест.
Нема развиени знаења за сите алтернативни начини за прибирање финансиски средства од еко туризмот, отворање зелени работни места, производство традиционална храна, системско развивање на планинарењето, параглајдингот, велосипедизмот. Сите гранки од туризмот кои кај нас не се системски развиени ниту се стимулирани засега – истакна Чоловиќ Лешкоска.
На работилницата се дискутирало како да се подобрат капацитетите на управување со заштитените подрачја. Дадени се насоки како во иднина да се обезбеди одржливо управување со заштитените подрачја. Во тој правец, ресорното министерство за животна средина планира измени во законската регулатива.
Се планира да се воспостави Завод за природа, ние таква институција сме имале во минатото но била укината. Се јавува потреба да се формира научна институција која ќе води сметка за мониторинг на дивиот свет и природните живеалишта. Дополнително во дискусијата имаше планови за оформување на Агенција за природа која ќе управува со националните паркови за да обезбеди за сите стандарди, методологии и прибирање на податоци на едно место, кое во моментов не функционира добро – додаваат од Еко свест.
Државниот инспекторат за животна средина, пак, планираат од наредната година вработувања на позиција помлад инспектор за заштита на природата и есенска обука на ренџерските служби во делот на санкционирање на сторители на прекршоци во заштитени подрачја.
Работилницата се одржа во рамките на проектот „Заштитени подрачја за луѓето и природата“ кој го спроведоа Светскиот фонд за природа во партнерство со Еко свест. На расправата учествуваа надлежни институции, Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина, општините, ЈУ НП Галичица и граѓански организации.
Фото-ОхридТреил