Мал број на охриѓани одбиваат да се попишат
Има појава на тивок бојкот со одлагање на попишувањето, но се очекува и тие граѓани сами да се пријават за да бидат попишани. Досега попишувачите немаат поднесено пријава до некој граѓанин кој го бојкотирал пописот.
На една недела пред завршување на пописот, пописните активности течат без проблеми во Охрид. Заклучно до 22 септември попишувачите направиле попис на 30.955 лица, 18.470 станови и 10.608 домаќинства, информира Станко Стојаноски, координатор на Регионално одделение за статистика Охрид и државен инструктор.
Има минорен број на граѓани, исклучоци кои на некој начин го одложуваат попишувањето. Тоа не го прават директно туку ги враќаат попишувачите со изговор да дојдат за 2-3 дена. Со тоа на повидок се некои граѓани кои одбиваат да бидат попишани од нивни причини. Не гледам причина зошто некој во сопствената држава не сака да биде попишан – вели Стојаноски.
Досега попишувачите немаат поднесено писмена пријава против граѓани кои категорично одбиле да се попишат. Очекуваат оние кои го одложиле пописот сами да ги повикаат попишувачите, во спротивно ќе бидат поднесени пријави во согласност со Законот. Граѓаните кои од оправдани причини пак, не можеле да ги примат попишувачите може да се пријават до пописната Комисија. Од наредните денови со засилен интензитет ќе се врши пописот и во Дебрца.
Реонот 22 ги опфаќа покрај Охрид и општина Дебрца. Напоредно пописот се врши и таму, но со помал интензитет. Гледавме поголемиот дел да го завршиме во Охрид, а од утре и задутре ќе има упатување на повеќе попишувачи и таму. Верувам дека во Дебрца навреме ќе се заврши пописот – додава Стојаноски.
Од регионалното одделение за статистика од Охрид апелираат и потсетуваат дека должност и обврска на сите граѓани е да бидат потпишани во својата држава. Во Охридскиот реон се ангажирани 153 попишувачи од кои 21 се реонски инструктори. Пописот завршува на 30ти септември.