Skip to main content

СЗО препорачува кога пациентот со придружни болести и ковид ќе почине, смртта да се води од ковид

Во препораките на СЗО пишува дека секоја смрт што настанала од ковид-19, дури и веројатните случаи кои имаат неодреден резултат, или, пак, сомнителните случаи кои не можеле да се тестираат, да се водат во статистиката како смртни случаи од ковид-19. Тврдењето дека вакцината е експериментална е лажно. „Фајзер“ доби дозвола за целосна употреба, нешто што се очекуваше да ја зголеми довербата кај антиваксерите, но не се случи – тие продолжија како и во овој пост, да ја повторуваат старата мантра.

 |   | 
Ковид 19

Во препораките на СЗО пишува дека секоја смрт што настанала од ковид-19, дури и веројатните случаи кои имаат неодреден резултат, или, пак, сомнителните случаи кои не можеле да се тестираат, да се водат во статистиката како смртни случаи од ковид-19. Тврдењето дека вакцината е експериментална е лажно. „Фајзер“ доби дозвола за целосна употреба, нешто што се очекуваше да ја зголеми довербата кај антиваксерите, но не се случи – тие продолжија како и во овој пост, да ја повторуваат старата мантра. 

Рецензираме пост на Фејсбук во којшто паушално се наведени тврдења кои не се вистинити, а се однесуваат на дневниот број на заразени и починати од ковид-19. Споделувајќи фотографија од медиумски напис за оваа дневна статистика, во која има дури 41 починато лице и 539 новозаразени со ковид,  постот тврди:

Сигурен сум дека ако има починати, барем половината па и повеќе се починати поради експерименталната вакцина, а другите се од други болести. Сигурен сум дека се уште намерно ги умираат луѓето со цел да ги натераат луѓето да се вакцинираат. Да си знаете дека оваа експериментална вакцина е најопасна досега и дека заедно во Европа и во Америка има преку 20 илјади мртгви од вакцината и над еден милион болни од вакцина и тоа со сериозни проблеми. Затоа немојте да се лажете и да се вакцинирате.

Авторот на овој пост се поставува како да може да каже од што настанале смртните случаи. За разлика од неговото негирање на постоењето на ковид и смртноста која што тој ја предизвикува, СЗО има издадено точни упатства кои случаи да се водат како починати од ковид. Точно е дека пациентите со ковид може да имаат и други придружни болести, но дека ковид не бил причинител на смрттта може да кажат само лекарите, а не некој од ракав.

Во препораките на СЗО пишува дека секоја смрт што настанала од ковид-19, дури и веројатните случаи кои имаат неодреден резултат, или, пак, сомнителните случаи кои не можеле да се тестираат, да се водат во статистиката како смртни случаи од ковид-19. Крајната одлука е на лекарот, но дури и ако тестот е негативен, а клиничката слика и историјата на случајот се јасно конзистентни со ковид 19, случајот треба да се води како ковид-19.

Според документот објавен на СЗО, а кој го следи нашата земја, дефиницијата за тоа што е смрт настаната поради ковид-19 гласи:

Како смрт поради ковид-19 се дефинира смрт што резултирала од клинички компатибилна болест, во веројатен или потврден случај на ковид-19, освен ако не постои јасна поинаква причина за смртта, која не може да се поврзе со ковид-19. На пример, траума. Смрт што настапила поради ковид-19, не смее да се атрибуира на друга болест, на пример канцер, и треба да се брои независно од околностите за кои постои сомнеж дека го поттикнале агресивниот тек на ковид-19.

Значи, земјава точно ги евидентира починатите од ковид и покрај тоа што тие имаат придружни болести, затоа што според СЗО не треба да се атрибуира болеста на друг коморбидитет. На страница 4 од упатството за заведување на смртни случаи поради ковид се вели следното:

Има сè повеќе докази дека луѓето со коморбидитети или компромитиран имун систем имаат поголем ризик да починат од ковид.

Значи, не е дека луѓето умираат од другите придружни болести, туку во комбинација со ковид тие се тешки за менаџирање. Коронавирусот предизвикува болест ковид-19 која што може да зафати повеќе системи во телото, од респираторен до создавање тромбови. Не се знае кој како ќе биде афектиран и тоа го повторуваат повеќе лекари од почетокот на пандемијата до денеска.

Понатаму, во постот што го рецензираме лажно се тврди дека тие со придружни болести, ако не починале од болестите, тогаш морало да починат од „експерименталната вакцина“ која е „многу опасна“ и „од неа во Европа и САД има над 20 илјади мртви“.

Тврдењето дека вакцината е експериментална е лажно. „Фајзер“ доби дозвола за целосна употреба, нешто што се очекуваше да ја зголеми довербата кај антиваксерите, но не се случи – тие продолжија како и во овој пост, да ја повторуваат старата мантра.

Вакцината на „Фајзер“ е целосно одобрена за користење кај повозрасни од 16 години. Американската агенција за храна и лекови во својот извештај за трајното одобрение што го доби „Фајзер“, вклучи податоци од испитувања врз 44 илјади луѓе. Според овој извештај, вакцината наречена „комирнати“ е 91 процент ефективна во превенција на болеста ковид-19.

Комесарот на Американската агенција за храна и лекови, Џенет Вудкок, рече дека јавноста може да е исклучително сигурна дека вакцината ги исполнува највисоките стандарди на безбедност, ефективност и високи стандарди во начинот на нејзиното производство.

После оваа информација дека фајзеровата вакцина доби целосно одобрение од ФДА, оружените сили на САД најавија дека официјално ќе се бара сите 1.3 милиони активни припадници да се вакцинираат.

Американската агенција на почетокот ѝ даде на „Фајзер“ привремена дозвола, што претставува одобрение во кое што ФДА утврди дека бенефитите од вакцината ги надминуваат потенцијалните ризици во услови на пандемија. Ова најново, целосно одобрение, е перманентно, односно засекогаш.

И кога имаше дозвола само за итна употреба, вакцината на „Фајзер“ не беше неиспитана. Напротив, дозволата за итна употреба беше издадена врз основа на клинички тестирања, кои покажаа дека е 94 проценти ефикасна кај повозрасните од 56 години, 95 проценти ефективна кај луѓето со барем еден коморбидитет, кој ги прави поподложни да развијат тешка клиничка слика од ковид и е 96 проценти ефективна кај лица со висока телесна тежина, состојба што прави да се поподложни на последиците од ковид-19. А, документот кој го покажува тоа погледнете го на овој линк.

Во првата фаза, вакцината на „Фајзер“ беше дадена кај мал број здрави луѓе и постепено се зголемуваше дозата за да се осигура дека е добро толерирана. Првата фаза определи колкава треба да е идеалната доза. Втората фаза од клиничките студии на фајзеровата вакцина вклучи повеќе волонтери со различни здравствени состојби, не само тие што се целосно здрави. Во оваа фаза резултатите од вакцината беа споредени со резултатите од плацебото.

Не се појавија проблеми, па клиничкото тестирање премина на фаза три. Илјадници волонтери, случајно избрани, во оваа фаза примија или вакцина или плацебо. Оваа фаза им помогна на истражувачите на Фајзер да го измерат ефектот на вакцината.

Во третата фаза на клиничкото испитување за „Фајзер“, 8 од 17.411 луѓе, кои ја примија вакцината се инфицирале со ковид, споредено со 162-ца од 17.511 кои примиле плацебо, односно не ја примиле вакцината.

Токму од овие информации, истражувачите утврдија дека вакцината е 95 проценти ефективна да превенира инфекција од ковид.

Дополнително, за да добие дозвола за употреба во итна состојба, вакцината мора да биде тестирана кај над 3 илјади испитаници и барем половината од нив да се следат повеќе од 2 месеци после втората доза. 

 Според македонското Министерство за здравство:

Вакцината е безбедна и повеќе од 40 илјади индивидуи беа вклучени во клиничките тестирања,

Поради сите горенаведени факти, заклучуваме дека не е вистина оти вакцината е експериментална, дека не е вистина дека луѓето не умираат од ковид, туку од придружните болести (ова е индивидуално во секој случај и компликациите кои што ги имаат луѓето со коморбидитети според упатството на СЗО се поголем ризик фактор за летален исход). Обвинувањето, пак, дека намерно ги убиваат луѓето за да ги исплашат другите да се вакцинираат, е обвинување за кривично дело коешто е паушално и непоткрепено, но не е ново во светот на конспирациите.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар