Skip to main content

Дигитализација и промоција на туристичките потенцијали на земјава

Вчера беше одбележан Светскиот ден на туризмот. Туристичкиот сектор бара поддршка од владата за да се справи со последиците од пандемијата која најсилно се одрази на овој сектор.

 |   | 
Охрид градба езеро

Вчера беше одбележан Светскиот ден на туризмот. Министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Љупчо Јаневски ги најавија приоритетите во претстојниот период за понатамошен раст на оваа индустрија. Туризмот во светски рамки беше еден од најпогодените сектори од пандемијата. За негово опоравување главните предизвици се дигитализацијата и промоцијата на земјава. Статитистичките податаци покажуваат дека годинава е добра во споредба со лани, но полоша е од 2019та. Сезоната беше успешна благодарение на владините мерки и политики, креирани заеднички со приватниот сектор, рече Бектеши.

Според сите показатели, годинава се постигнати очекуваните резултати. Имајќи ги предвид бројките, мерките дадоа видливи резултати. Во периодот јануари – јули 2021 во однос на истиот период лани, бројот на туристи е зголемен за 56,6 отсто или регистрирани се 320.000 туристи кои оствариле над еден милион ноќевања – истакна Бектеши.

Љупчо Јаневски, директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, укажа на промените кои ги предизвика корона пандемијата во туристичката индустрија.

Се менуваат пазарите и целните групи. Туристите се повеќе бараат природа, зелено, авантура.  Целните групи кои ќе ја посетуваат Македонија ќе се поразлични од 2019. Ќе има се помалку масовни тури и повеќе селективни форми на туризам. Тоа значи дека и промотивните канали преку кои треба да се обратиме до тие целни групи, треба да бидат дигитализирани. Агенцијата заедно со Министерството за економија ја создаде платформата Е-туризам – вели Јаневски.

Агенцијата во 2022 година повеќе ќе работи на дигитализација и на промоција, со што ќе се обидеме да привлечеме повеќе тур-оператори. Ќе се обидеме да ја конектираме земјава со другите дестинации, да имаме поголем реален туристички раст, да создадеме одржливост на дестинацијата и  заеднички да го градиме новиот туристички сектор, потенцира Јеневски.

Владимир Граматиков, од Сојузот на стопански комори, напомена дека финансиските пакети овозможија туризмот да остане на нозе, но владината поддршка мора да продолжи.

Годинешното мото, на Светскиот Ден на туризмот е „Туризмот за инклузивен раст“. На неговото одбележување присуствуваа сите туристички чинители од земјава.