Проф. Д-р Павле Митрески твори неуморно и на прагот од десеттата деценија од животот
Со мотото „Пред вистината и Боговите молчат“ професорот Митрески одбележа деведесет години од животот. Автор е на голем број објавени книги кои се засноваат врз историски факти од нашата историја. Рецезент е на голем број дела меѓу кои и „Впечатоци за хуманоста“ монографија за Општинската организација за Црвен крст.
Желбата да пишува и твори не го напушта Проф. Д-р Павле Митрески на прагот од десеттата деценија од животот. Неуморно работи на објавување на историски податоци до кои дошол во текот на работниот век во историските архиви во соседните земји. Автор е на 15 дела засновани на историски факти за Македонија и охридско-струшкиот регион. Многу се обиделе да ги опонираат фактите меѓутоа цврст доказ биле пишаните документи. Едно од неговите најважни животни дела е докажувањето дека светски познатиот научник Михајло Пупин има Македонско потекло. За делата засновани врз историски факти вели : „Пред вистината и Боговите молчат“.
Моите пишувања се базирани на документи. Јас сум школа на академик Љубен Лапе, кој ми даде совет во младоста, само со документи може да се докаже вистината. Во моментов умот сеуште ми работи и ги искористив да ги обработам материјалите кои ги имав снимено и преснимено во архивите во Македонија и соседството и кои ми стоеа необработени – истакна Митрески.
Професор Митрески не само што е автор на книги во кои се содржани историски факти туку е и рецензент на голем број дела. Меѓу најновите се рецензијата за монографијата 75 години Црвен крст Охрид со наслов „Впечатоци за хуманоста“ од авторите Миле Трпеновски и Љупчо Милковски. Монографијата е ретко книжевно дело кое произлегло од децениското водење дневник за работата на охридската хуманитарна организација од Миле Трпеновски, поранешен претседател на ОО ЦК во периодот од 1985 до 2000 година.
Врз основа на книгата за впечатоци, која ја воведов од кога ме назначија за секретар, а во неа се запишуваа сите впечатоци, сите разговори што ги имавме за бегалската криза, за социјалните проблеми во период по распадот на Југославија. Доаѓаа претставници од Меѓународниот Комитет, Националната Федерација, национални друштва од Црвен крст – додава Митрески.
Професорот Павле Митрески по рецензијата за монографијата на ОО ЦК подготвува уште две дела со мошне значајни историски податоци од нашиот регион. Тоа се записи за охриѓанецот Леф Огненов, секретар на Охридската Архепископија и материјали „Обичаи и носии во Дримкол “, записи од две села Глобочица и Лабуништа во 50-те години од минатиот век, прибирани од истражувањата на српскиот етнологот Бранислав Русиќ.