Skip to main content

14 години од трагичната смрт на Тоше Проески

14 години без него, 14 години веќе ништо не е исто без него, 14 години поминаа од еден од најтажните денови во поновата македонска историја.

 |   | 

14 години без него, 14 години веќе ништо не е исто без него, 14 години поминаа од еден од најтажните денови во поновата македонска историја.

На 16-ти октомври 2007 година на автопатот пред Нова Градишка во Хрватска животот го загуби еден од најголемите музички таленти кои се појавиле на овие простори, нашиот Тоше Проески.

Веруваме дека не постои човек кој искрено го сака, а на кој овој ден му е ист како секој друг. Не, напротив, многу од нас се сеќаваме на овој ден, на утрото како гром од ведро небо се појави информацијата дека Тоше загинал.

Најпрво не верувавме. Се прашуваш дали е можно токму тој, најголемиот, најсаканиот, нашата најголема гордост. За жал да, малку време требаше да сфатиме дека повеќе го нема…

И еве оттогаш до денес поминаа цели 14 години. 14 години без Тоше… Замислете само каде ќе беше денес и колку ќе беше голем ако не се случеше таа несреќа…

Многумина ќе кажат – Тоше има само ден на раѓање. За жал не е така. Реалноста ја знаеме сите колку и да не сакаме да ја прифатиме.

Тоше повеќе го нема, а нас ни останува да го чуваме неговиот спомен, песните и делата кои тој ги остави и утре да раскажуваме на нашите деца, внуци и правнуци дека на ова парче земја пред многу години живеел ангел со ангелски глас…

Тоше, недостигаш како никогаш до сега…

 

 

 

Извор/Убавина и здравје