Skip to main content

Пецаков и Георгиески во вториот изборен круг за градоначалник на Охрид

Пецаков е во предност пред противничкиот кандидат Георгиески со 2.120 гласови според неофицијалните податоци обработени од Општинската изборна комисија. 1.412 е бројот на неважечки ливчиња, а биле поднесени 14 приговори сите од гласачи.

 |  Валентина Неловска  | 

Кирил Пецаков и Константин Георгиески ќе го трчаат вториот изборен круг за градоначалничката функција во општина Охрид. Предраг Васојевиќ, заменик претседател на ОИК информира дека според нивните неофицијални резултати кои што треба да бидат потврдени од Државната изборна комисија, Кирил Пецаков од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ е во предност од 2.120 гласа пред Константин Георгиески, кандидатот за градоначалник од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“.

Под број седум за Кирил Пецаков од Вмро Дпмне и Коалицијата „Обнова на Македонија“ има 14.380 гласови. За Константин Георгиески и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ 12.460  гласа и за Гоце Цветковски од ТМРО 1376 гласа – информираше Васојевиќ.

На Локалните избори за Градоначалник на Охрид своето гласачко право го остварија 29.587 граѓани, а во избирачкиот список се запишани 52.477 охриѓани, што значи процентот на излезност во Општина Охрид е 56,54%.

Вкупниот број на важечки гласачки ливчиња е 28.216, а неважечки се 1.412. Вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња од вкупниот број на запишани избирачи кои не биле употребени се 22.849 – изјави Васојевиќ.

14 приговори од граѓани биле вложени заради тоа што не можеле да го остварат своето избирачко право на изборниот ден. Васојевиќ напоменува дека ДИК позитивно одлучила по приговорите за седум лица кои се однесувале на лични карти извадени во периодот по дополнување на избирачкиот список.

Што се однесува до составот на новиот Градски Совет, според целосните резулати објавени од ДИК, од вкупно 11 листи, советнички места освоија 6 листи.

Советничката листа на ВМРО ДПМНЕ освои најмногу гласови, или 10 693, СДСМ и Коалицијата освоија 8 731, следуваат ДУИ со 2 349, „Охрид пред се“, носител Димитар Велјаноски освоија 1.979, Левица 1 628 гласа, „Охрид има план Б“ носител Антонио Наумоски 1 407 гласа, ЛДП/ДОМ 631 глас, Група избирачи носител-Стевче Стевоски 339 гласови, Единствена Македонија 207 гласа, Беса 279 гласови и ТМРО 189 гласа.

За советничките листи нема втор круг, за точниот број на освоени советнички мандати се очекуваат пресметките од ДИК. Гласањето во вториот круг за избор на Градоначалник ќе се одржи на 31-ви октомври.