Skip to main content

Се почесто работоспособни млади луѓе бараат помош од Црвен крст Охрид

Од хуманитарната организација ги советуваат да се потрудат да се вклучат во некој работен ангажман. Работоспособните граѓани нека се пријават во Црвен крст за да ги упатиме до фирмите кои бараат работна сила, апелира претседателот на општинската организација на Црвен крст.

 |  Валентина Неловска  | 

До општинската организација на Црвен крст со барање за помош се почесто се обраќаат невработени охриѓани, а се млади и работоспособни луѓе. Тие сограѓани се посебен предизвик за нас за да им помогнеме во нашата организација, вели Сашо Точков, претседателот на ОО Црвен крст. Има голем број на луѓе кои се обраќаат да им помогнеме со социјални пакети со храна и средства за хигиена, но ние би сакале да им помогнеме сами да заработуваат за живот, додава Точков.   

Има голем број млади луѓе кои бараат помош, кои се во средовечни години, 30 – 40 години кои можат да работат. Им ги нудиме и тие услуги да ги вклучиме во некоја активност за да добијат дневница или надомест – истакна Точков.

Овој предлог некаде наидува на разбирање, но за жал некаде не. Има случаи каде што луѓето одбираат да живеат од ден за ден и да добиваат помош отколку да се вклучат во некој работен ангажман, напоменува Точков.  

Апелираме до тие млади луѓе кои можат да придонесат нека се пријават во Црвен крст. Нив ќе ги упатиме во оние фирми кои бараат работна сила и може да се вклучат во работниот процес и да добијат некој паричен надоместок – вели Точков.

Во списокот на ОО Црвен крст има и до 600 семејства кои се на работ на сиромаштија и бараат помош од хуманитарната организација. Списоците со лицата кои останале без работа и се во социјален ризик постојано се ажурираат. На охридскиот пазар на труд, во Агенцијата за вработување, во месец август оваа година, се евидентирани 3194 лица кои бараат работа. Од нив 1552 се мажи, а 1642 жени.