Ковид 19
Од запрашување со авиони не расте бројот на ковид позитивни
Тврдењето во пост на Фејсбук дека после секое прскање од авиони се зголемува бројот на заразени од ковид-19 е бесмислено.
Конспиративните теории поврзани со „кемтрејлс“ се категорично отфрлени од научната заедница и истите досега се повеќепати разоткриени од проверувачите на факти. Белата трага што ја оставаат авионите во воздухот се нарекува „контрејл“, односно патека од кондензација. Тврдењето во постот дека после секое прскање од авиони се зголемува бројот на заразени од ковид-19 е бесмислено, затоа што вирусот се пренесува на растојание помало од два метра преку капките од носот и устата, преку зборување, кашлање, пеење. Сосема е неверојатно намерно да се шири вирусот преку фрлање опасни раствори од огромна височина 5 или 10 илјади метри!Рецензираме пост на Фејсбук во којшто се тврди дека од небото над Скопје некој ,,запрашува” и затоа треба да се очекува дека ќе порасне бројот на ковид заболени во наредните денови.
Денеска Скопје и дел од Македонија повторно запрашувано од авиони. Очекувајте повторно зголемување на болни од ковид. Сликано денес околу 11 и 45, се наведува во постот.
Фотографиите во склоп на ова тврдење се направени од автомобил и се гледаат повеќе траги од авион на небото. Белата трага што ја оставаат авионите во воздухот се нарекува „контрејл“, односно патека од кондензација. Облаците во форма на линија се произведени од издувните гасови на моторот на авионот и настануваат поради промени во притисокот на воздухот, обично на авиони кои летаат на височина неколку километри над површината на Земјата.
Што се однесува до „кемтрејлс“ конспиративните теории, истите досега се повеќепати разоткриени од проверувачите на факти, меѓу кои, чешкиот сервис за проверка на факти, Manipulatori.cz., српскиот сервис Istinomer.rs , како и во повеќе рецензии на „Вистиномер“.Ваквата теорија на заговор е категорично отфрлена од научната заедница.
Уште пред пет години (ноември 2016) група од 77 научници објави извештај откако ги прегледа наводните докази дека некои авиони нè прскаат со хемиски супстанци. Од тие 77 научници, 76 изјавија дека не нашле докази за „тајна атмосферска програма од големи размери“. Со други зборови, доказите укажуваат на тоа дека патеките се очекуваниот резултат на авионите што летаат во воздухот.