Skip to main content

Во Охрид во пораст е бројот на кражби на велосипеди

Се крадат поскапи, но и постари велосипеди. Кражбите се случајни и нема организирани групи кои ги препродаваат на црниот пазар, велат од полиција. 

 |  Валентина Неловска  | 

Во Охрид мета на крадците се поскапи, но и постари велосипеди. Не е мал бројот на охриѓани кои деновиве останале непријано изненадени по кражбата на нивниот велосипед. Некои граѓани кражбите ги пријавуваат во полиција, некои не, други пак, бараат помош со објави на социјалните мрежи. Кражбите на велосипедите се случувале најчесто од јавните површини, помал дел од дворовите и влезовите од станбените згради, информира Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид. Во полиција се пријавени 19 кражби на велосипеди во првите девет месеци од оваа година.

Во таа насока, може да кажеме, дека во овој период СВР Охрид има реализирано половина од пријавените кражби. Има случаи кога се извршени кражби, а не се пријавени од сопствениците бидејќи по наши сознанија се наоѓаат во странство. Има случаи кога кражби на велосипеди се извршени од малолетници и во реализација на казнените дела се вклучени инспектори од малолетничка деликвенција – истакна Димоски.

Портпаролот Димоски дециден е дека не станува збор за организирани кражби на велосипеди кои понатаму завршуваат на црниот пазар. Најчесто украдените велосипеди се пронаоѓаат во друг дел од градот или се оставаат по употребата.

Кражбите на велосипедите се инцидентни. Нема организирана група во извршување на вакви казнени дела и се на подрачјето на Охрид, а мал дел на соседните станични подрачја – додава Димоски.

Портпаролот на СВР Охрид апелира сопствениците подобро да ги обезбедуваат своите велосипеди и да не ги оставаат потпрени на дрво или ограда на јавните површини. Во Охрид, до деветти месец од годинава биле украдени седум велосипеди повеќе во споредба со истиот период од минатата година.