Skip to main content

Фабијан Канчелара поведе на Тур Де Франс

Швајцарецот Фабијан Канчелара прв ја облече жолтата маичка на годинашниот 96. Тур де Франс, однесувајќи убедлива победа во хронометарот на стартот во Монако.

 |  Крсте Голабовски  | 
Fabian Cancelara
Фабијан Канчелара
Швајцарецот Фабијан Канчелара прв ја облече жолтата маичка на годинашниот 96. Тур де Франс, однесувајќи убедлива победа во хронометарот на стартот во Монако.

Првиот фаворит и победник пред две години Алберто Контадор од Шпанија заврши втор со заостанување од 18 секунди, а една секунда по него финишира Британецот Бредли Вигинс.

Контадор, кој и покрај присуството во тимот на седумкратниот победик Ленс Армстронг, од менаџерот Јохан Бринел е поставен за лидер на Астана, ги исполни очекувањата и го наметна својот авторитет во екипата со солидното возење. Ниту Германецот Андреас Кледен (четврти) ниту Американците Леви Липхајмер (шести) и Армстронг (десетти) не можеа да ја нарушат тимската хиерархија во спарниот ден во кнежевството.

„Во добра форма сум и се надевам дека ќе останам на тоа ниво“, изјави Контадор. „Атмосферата во тимот е добра. Мораме да работиме заедно за да го освоиме овој Тур де Франс. Се разбира, би сакал да облечам уште една маичка“, додаде тој, мислејќи на маичката за најдобар искачувач.

Fabian CancelaraСпортскиот директор на Астана, Алан Галопан, изрази задоволство од епилогот на првата етапа.

„Помина според планот. Ова е совршен резултат, бидејќи знаевме дека Канчелара ќе биде пресилен. Ако Андреас или Леви беа напред, тоа немаше да смени ништо внатре во тимот. Алберто е нашиот лидер“, нагласи човекот што го доведе Шпанецот во екипата.

Канчелара победи на хронометарот на Олимпијадата во Пекинг минатата година во слични услови на влажен воздух.

„Многу сум горд. Направив максимум што можев. Не сакав да форсирам во почетокот, но стартував добро и создадов разлика на рамниот дел“, изјави Швајцарецот.

Бранителот на трофејот Карлос Састре од Шпанија ја ограничи штетата, освојувајќи го 21 место со заостанување од една минута и шест секунди зад Канчелара. Вицешампионот во последните две години Кејдел Еванс, кој настојува да стане првиот Австралиец што го освоил Тур де Франс, беше петти со 23 секунди заостаток, а Енди Шлек од Луксембург заврши 18. со една минута послабо време од победникот.

Освојувачот на Џиро ди Италија, Русинот Денис Менчов, ја почна трката на разочарувачкото 53. место со заостанување од 1:31 мин.

{loadposition content9}