Skip to main content

Верификуван мандатот на советникот Нефи Усеини, сеуште не одлучил за оставка

На втората седница на Советот на општина Охрид беа формирани повеќе работни комисии. Исто така беше потврдена и функцијата на Нефи Усеини. Пред неколку дена тој најави дека ќе се повлече од оваа функција, а денес изјави дека сеуште нема донесено конечна одлука.

 |  Валентина Неловска  | 

На денешната седница на Градскиот совет се формираа работни комисии. Беа именувани претседатели и членови на единаесет општински комисии меѓу кои статутарно-правната, комисија за финансии и буџет, за туризам и локален економски развој, за млади и спорт, за еднакви можности меѓу мажите и жените и други. На втората седница на советот беше верифициран и мандатот на советникот Нефи Усеини.

Усеини е по втор пат советник во општина Охрид од редовите на ДУИ, а во минатиот мандат се повлече од функцијата. Деновиве, најави дека и овој пат ќе се повлече од советот, но денес изјави дека сеуште нема донесено конечна одлука.

Ќе имаме состанок со партијата и ќе донесеме одлука дали ќе дадам оставка или ќе продолжам понатаму. Во моментов ќе продолжам како советник ако има промена ќе бидете информирани – истакна Усеини.

Мнозинството во охридскиот совет го има ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, а ДУИ не е дел од таа коалиција. Усеини не открива како ќе делуваат во Советот и кого ќе го поддржат на локално ниво во работата на Советот. Напомена дека и тоа ќе зависи од партиската одлука на ДУИ.