Skip to main content

Нови наслови во Градската Библиотека Охрид

Неделниот преглед на нови книги во НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид е микс од автори од домашната и светската книжевна продукција.

 |   | 

Неделниот преглед на нови книги во НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид е микс од автори од домашната и светската книжевна продукција.

Две збирки со раскази од Лилјана Пандева „Заорани“ и второто издание на „Два Божика“, стихозбирката „Почетни координати“ од хрватската поетеса Моника Херцог и книгата составена од критики и рецензии за книги „2 Минути и 40 реда“ од Александра Јуруковска. Насловот ја носи реалната симболика на малиот простор кој  и се отстапува на културата во медиумите. Издавач на веќе споменатите изданија е ПНВ Публикации од Скопје.

Од Библиотеката информираат дека на пултот за зајмување од денеска читателите може да ги побараат и книгите во издание на Матица македонска: „Крв и убавина“ од Сара Дунант, „Последното патување на Валентина“ од Санта Монтефјоре и „Современо семејство“ со поднаслов: „Прирачник за преживување“ од клиничкиот психолог Најџел Лата.  

И покрај постојаните набавки и збогатувањето на фондот со нови наслови НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид се соочува со проблемот позајмени, а не вратени книги. Од таа причина Библиотеката во јуни одлучи да ги повика сите корисници кои зајмиле книги до 2020, а не успеале да ги вратат, да го сторат тоа најдоцна до 31 декември, годинава. Целта е книгите повторно да го продолжат својот живот меѓу читателите.

Оттаму потсетуваат дека годишната членарина за деца – ученици е 200, а за возрасни 300 денари. Библиотеката за читателите е отворена од понеделник до петок од 8 и 30 до 18 и 30 часот.