Директорот на „Фајзер“ не бил уапсен на 5 ноември оваа година
Во постот што се шири на Фејсбук, а кој се повикува на текст објвен на сајтот „Тhe Conservative Beaver“, се тврди дека директорот на „Фајзер“ е уапсен на 5 ноември во неговиот дом во Њујорк. Написот е објавен истиот ден кога директорот на „Фајзер“, Алберт Бурла даде две интервјуа за проминентни и сериозни американски медиуми како „Си Ен Ен“ и „Си Ен Би Си“. На сајтот „Тhe Conservative Beaver“ може да се прочитаат мноштво некредибилни и невистинити приказни во кои секогаш се инволвирани луѓе од висок калибар за да се предизвика што поголемо внимание.
Рецензираме пост на Фејсбук во којшто се тврди дека директорот на „Фајзер“, Алберт Бурла, е уапсен поради подмитување на влади за да го земат нивниот лек. Не се прецизира на кој лек точно се мисли, но во постот е споделен напис од „Conservative Beaver“, некредибилен портал кој објавува лажни вести во континуитет. Кога ќе се посети таканаречената вест објавена на овој портал, се доаѓа до деталите кои, исто така, се лажни, за наводното апсење и причините за апсењето.
Во текстот е наведено дека директорот на „Фајзер“ е уапсен на 5 ноември во неговиот дом во богата населба во Њујорк, задржан додека да му се одреди висината на сумата за кауција, дека тој бил уапсен од ФБИ (Federal Bureau of Investigations). Според лажните факти во написот, Бурла се соочува со обвиненија за измама затоа што ги измамувал корисниците на вакцината против ковид за нејзината ефикасност, а компанијата „Фајзер“ фалсификувала податоци и плаќала големи суми мито. Во текстот дури и лажно се цитира агент на ФБИ како да дал изјава за порталот. Агентот на ФБИ наводно изјавил дека „Фајзер“ ги доведувал во заблуда пациентите за сериозните несакани ефекти од вакцината, како и дека компанијата потплаќала мејнстрим медиуми да молчат. Како круна на лагите, во текстот е додадено дека доколку Бурла биде осуден ќе го помине остатокот од животот позади решетки, како и тоа дека полицијата наредила сите медиуми да молчат за апсењето.
Сите овие бесмислени тврдења се лажни. Текстот, како и постот што го рецензираме се објавени на 5 ноември, истиот ден кога директорот на „Фајзер“, Алберт Бурла даде две интервјуа за проминентни и сериозни американски медиуми како „Си Ен Ен“ и „Си Ен Би Си“.
Да биде иронијата уште поголема, во овие две телевизиски појавувања Бурла зборуваше за најновите достигнувања на „Фајзер“, создавање на ново апче за третман на ковид-19, кое што чека одобрение од ФДА.
И полицијата во Скарсдејл, местото каде што во написот се тврди дека живеел директорот на „Фајзер’, потврдила дека немало акција на ФБИ во ова место. Исто така, тие рекле дека Бурла не живее повеќе во ова познато место во градот Њујорк на 25 милји од Менхетен и дека куќата е продадена.
Директорката на секторот за односи со медиуми на глобално ниво Џерика Питс, на 5 ноември за !Лид Сторис“ преку мејл изјавила:
Ова е лажно тврдење. Бурло имаше медиумски појавувања и учествуваше во вклучувања во живо цел ден, на „Си Ен Ен“, „Фокс’, Си Ен Би Си, изјави таа.
На сајтот „Тhe Conservative Beaver“ може да се прочитаат мноштво некредибилни и невистинити, а, сепак, сензационалистички приказни во кои секогаш се инволвирани луѓе од висок калибар за да се предизвика што поголемо внимание. Минатиот месец, на пример, објавија лажна и фиктивна приказна во која тврдеа дека актерот Алек Болдвин бил уапсен во случај за детска порнографија.
Во август објавија дека брат му на канадскиот премиер Џастин Трудо бил уапсен за обвинение дека злоставувал деца, што не е точно.
Објавија и дека починат човек бил пронајден жив, што беше дебанкирано од странски проверувачи на факти.
Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит. Директорот на Фајзер не бил уапсен.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар