Продолжуваат судирите меѓу демонстрантите и полицијата во Кина
Стотици Ујгури ги продолжија протестите на улиците на Урумчи, главниот град на автономниот регион Синџинг Ујгур, во западниот дел на Кина во знак на протест поради вчерашното апсење на повеќе од 1.400 луѓе.
И утрово демонстрантите се судриле со припадниците на кинеските безбедносни сили.
Кинеската полиција вчера уапси 1.434 луѓе поради немирите во Урмучи во кои загинаа 156 лица. Поради немирите во провинцијата во прекин се мобилните телефони и интернетот.
Кинеската полиција растури мирен протест на околу 200 луѓе во Кашгар, околу 1.050 километри југозападно од Урумчи. Полицијата тврди дека демонстрантите се обидувале да предизвикаат немири.
Белата куќа синоќа изрази загриженост поради немирите во Синџинг Ујгур.
– Длабоко сме загрижени поради големиот број на жртви и повредени во Урумчи, западниот дел на Кина. За сега информациите за жртвите и повредените луѓе се нејасни, поради што не можеме да коментираме, изјави портпаролот на Белата куќа Роберт Гибс.
Демонстрациите во Урумчи почнаа во неделата вечер, а организирани се во знак на протест поради начинот на кои властите реагирале во јунските судири меѓу припадницие на мнозинскиот народ Хан и Ујгурите во Шаогуан, при што се убиени двајца Ујгури.
Муслиманскиот народ Ујгури, кои се приближно половина од вкупно 20 милионското население во автономниот регион Синџинг Ујгур, бара повеќе да учествува во економскиот и политичкиот живот на покраината, како и поголеми политички и верски слободи. Урумчи е град со 2,3 милиони жители.
Во регионот дејствува и сепаратистичлата група „Источен Туркестан“, чија цел е отцепување од Кина.