Започнува научно испитување на Белчишкото блато
Научниците ќе го стават фокусот на рибната популација, но и на физичко-хемиските карактеристики на блатото. Носител на истражувањата се научници од Хидробиолошкиот институт во соработка со научни работници од Институтот за сточарство и Биотехнолошкиот факултет од Битола.
Научници од Хидробиолошкиот институт ќе започнат проект со кој ќе се истражува Белчишкото блато. Овој екосистем во општина Дебрца е остаток од некогашното Десаретско езеро и се простира на површина од 130 хектари. За првпат ќе бидат вршени опсежни остеолошки, морфолошки и еколошки истражувања на рибната популација. Целта е да се утврди каква е состојбата со рибите во Белчишкото блато, поврзаноста на видовите риби кои живеат во блатото со оние кои егзистираат во поблиските и подалечните екосистеми, информира д-р Орхидеја Тасеска, директорка на хидробиолошки институт.
Активностите со проектот ќе покажат дали има блиско сродство или се работи за други видови. Ние претпоставуваме дека постојат голем број ендемични видови во Белчишкото блато, како растенија, така и животни. Поранешните прелиминарни истражувања покажале дека живеат 7 видови риби, но со следниве истражувања, кои ќе траат 3 години ќе покажат колку е тоа веродостојно и какво е сродството со видовите од Охридското Езеро – вели Тасеска.
Научниците ќе ги истражуваат и водите на Белчишкото блато покрај истражувањата на рибната популација. Станува збор за исклучителен биодиверзитет кој е биофилтер и значен за одржување на микроклимата во регионот.
Ќе се истражуваат физичките и хемиските карактеристики, посебно на нутритивното оптоварување, еуротрофикацијата, пред се на внесот на фосфор и азот во акватичниот екосистем. Паралелно со истражувањата ќе бидат опфатени фитопланктонот и зоопланктонот како неизоставни алки од синџирот на исхрана на рибите – додава Тасеска.
Министерството за образование и наука го додели проектот во висина од три милиони денари на Хидробиолошкиот Институт, а раководител на истражувањата е д-р Лидија Велкова Јорданоска. Во научните истражувања се вклучени и научни работници од Институтот за сточарство и Биотехнолошкиот факултет од Битола.