Охрид се попривлечен за Молдавските туристи
Охрид станува се попривлечен за Молдавските туристи. Во посета допатуваа 15 тур оператори од Молдавија кои ќе имаат средби со претставници од туристичкиот сектор. Од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот во претстојната сезона очекуваат поголем број туристи од државите од Источна Европа.
Зголемено присуство на Молдавски туристи се очекува во 2022 година на охридското крајбрежје. Од туристичкиот сектор очекуваат покрај туристите од Руската Федерација, Полска и Украина да се зголемат посетите на туристи и од Молдавија. Заинтересираноста на овие туристи за посета на нашето крајбрежје се потврдува со посетата на 15 тур-оператори од Молдавија. Тие се сретнаа со Македонски претставници од туристичкиот сектор и се надевам дека хотелиерите и тур-операторите ќе воспостават соработка и конкретни договори, рече Јаневски, директор на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.
Од 2022 до 2025 година ние се повеќе очекуваме туристи од Источна Европа, од Руската Федерација, Полска и Украина, па и од Белорусија на подолг рок. Тие пазари се се повеќе заинтресирани за Охрид и Македонија.Тоа се докажа со воспоставување на авио линии од Москва, Санкт Петербург, Киев, Скопје – истакна Јаневски.
Молдавските тур-оператори ја прошируваат својата програма и наместо како дел од кружна автобуска тура Албанија-Македонија, Скопје и Охрид ќе влезат како независна понуда во каталозите на тур-операторите од Молдавија, по детектираниот интерес за посета на Охрид и Скопје од страна на нивните туристи.
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот се обидува да се прилагоди на промените наметнати од пандемијата со Ковид 19. Досегашните посети покрај Охрид и Скопје ќе вклучат и посета на зимски ресорти, хотели, туристички локалитети. Интересот е насочен и на екскурзии во Тетово, Маврово, Струга, Вевчани и Битола.
Очекувам отворањето на овие пазари да донесе подобри туристички резултати, а ние ќе продолжиме да работиме на квалитетна промоција со цел да привлечеме посакувани профили на туристи – изјави Јаневски, директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.