Договорени мерки за одржување на безбедноста на патиштата во зимски услови во Охрид
Посебен акцент е ставен на обврските на градежните фирми подизведувачи на автопатот Кичево – Охрид. Фирмите подизведувачи ќе треба да ги елиминираат проблемите на кои им е укажано.
Охридската Локална самоуправа и надлежните институци одржаа состанок и договорија мерки за одржување на проодност на патиштата во зимски услови. Општинските служби, СВР Охрид, надлежните јавни претпријатија, Центарот за управување со кризи, инспекциските служби на територија на општина Охрид координирано ќе работат за елиминирање на забележаните проблеми на сите локални, регионални и магистрални патишта. Со заедничка соработка ќе делуваат да нема застој и несреќи во сообраќајот, информира Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Задолжени се лица за меѓусебен контакт за комуникација и информирање, субјекти кои се надлежни за одржување на чистотата на патиштата и правни субјекти за одржување на патиштата во зимски услови – истакна Димоски.
На состанокот посебен акцент е ставен на обврските на градежните фирми подизведувачи кои работат на автопатот Кичево – Охрид. Тие се должни на целата делница каде што се изведуваат градежните работи да ги отстранат сите недостатоци кои досега се евидентирани од инспекциските служби на Државниот инспекторат за транспорт и СВР Охрид.
Фирмите подизведувачи ќе треба да ги елиминираат проблемите на кои им е укажано. Треба да го обноват и засилат присуството на сообраќајната сигнализација, повидливо да ги обележат делниците со хоризонтална и вертикална сигнализација во ноќните часови – додава Димоски.
СВР Охрид ќе ги интензивира контролите на автопатот во изградба, на локалните, регионалните и магистралните патишта. Полициските службеници ќе укажуваат на недостатоците, а доколку не се реагира ќе следуваат и соодветни пријави.