Блокади на патот Струга-Ќафасан
Жителите на седум струшки села го блокираа патот Струга-Ќафасан. Бараат итна реконструкција на магистралата која со години е во катастрофална состојба, преполна со дупки и пукнатини. Патот е изграден во времето на поранешна Југославија, а до денес се направени само неколку површни санации.
Блокади на патот Струга-Ќафасан. Жителите од селата Радолишта, Теферич, Франгово, Фиеришта, Шум, Заграчани и Калишта денеска го блокираа магистралниот пат, во знак на револт поради катастрофалната состојба на делницата. Ти бараат итно санирање на оваа магистрала, која води кон Албанија и со години не е реконструирана, полна со дупки, некои големи и длабоки како кратери.
Голема е фрекфенцијата на возила на овој патен правец, вели локалното население, а возењето е потполно небезбедно. Револтираните жители велат блокадите се резултат на празните ветувања на власта.
Минатата година министерот рече дека се асфалтира патот од Ќафасан до Подмоље, а само се исчистија трњата и ништо друго. Дупките ги полнеа со тампон и по еден месец пак се појавија – вели Џевдет Даути, претседателот на Месната заедница Радолишта.
Жителите се револтирани од површното санирање на оштетувањата на патот, се жалат секојдневно им се оштетуваат автомобилите.
Да видите со што ги затвораат, со тампон, срамота. Една дупка кај бензиската пумпа е длабока ја мерев беше 32 сантиметри и ако поминиш низ неа може да биде страшно – вели Шхејзен Арулај од село Радолишта.
Пропаднав во дупка и двете гуми ми се дупнаа и таму кај гробиштата ја удрив колата. Кој ќе плати за тоа? Во полиција ништо не презедоа – вели Монди Каљоши.
Санација на овој магистрален пат од Министерството за транспорт и врски беше најавена во 2018 година, но до ден денес не е реализирана.
Магистралниот пат Струга-Ќафасан, кој ја поврзува земјава со Албанија е изграден во времето на поранешна Југославија, а ова е втор протест на мештаните. Првиот беше пред три години, доколку не се преземат мерки тие најавуваат нови протести и блокади.
Новинар : Соња Рилковска