Снегот остави без струја повеќе планински села во Дебрца и Струга
Без електрично напојување се шест села од Горна Дебрца и неколку од струшкиот регион. Нема дојави од жителите за поплави или излевање на водотоци, а патните правци се проодни. Исклучок е локалниот пат за струшка Малесија каде што има наврнато над половина метар снег и е прооден само за теренски возила.
Голем број планински села во охридско струшкиот регион и понатаму без електрична енерија по снегот и дождот кои наврнаа викендов и предизвикаа проблеми со напојувањето во југозападниот регион. Најдолго без струја останаа селата во Горна Дебрца, Годивје, Лактиње, Арбиново, Мраморец, Турје и Сливово, информираат од Центарот за управување со кризи.
Од Евн Македонија информираат дека екипите на Електродистрибуција без прекин работат во многу лоши временски услови и непристапен терен. Во моментот работат на санација на дефект на 10 кВ далекoвод и очекуваат да се нормализира снабдувањето со електрична енергија. По санацијата на дефектот на високонапонската мрежа на МЕПСО во саботата, екипите на Електродистрибуција работеле на санација на дефектот на дистрибутивната мрежа во Дебрца, но вчера после 18 часот повторно се случил дефект. Моментално без електрична енергија се околу 12 села.
Во ЦУК Охрид нема јавувања за испади на колекторскиот систем или за поплавени делови од Охрид и населените места, информира Митко Темелкоски.
Во Охрид и Дебрца нема дојави за поплави од површински води. Водотеците се на прифатливо ниво и не се опасност за излевање. Во населбите Лескајца и Железничка се презедоа претходно зафати и немаше дојави деновиве дека граѓаните имаат проблеми во подрумите, дворните места или земјоделските површини – истакна Темелкоски.
Во планинските делови од Охрид и Дебрца измерени се од 10 до 40 см снежни наноси, а во планинските места во струшко, снегот наврнал и до 60 см. Тоде Малески, од струшкиот центар за управување со кризи, јавува дека по снежните врнежи состојбата се нормализирала во нивниот реон откако во викендот биле предизвикани одредени проблеми.
Сите локални правци се проодни и се препорачува на повисоките населени места за возилата да се користи зимска опрема. Од Македонија пат јавуваат дека се безбедни сите патни правци освен за Малесија. Патниот правец Мислодежда -Присовјани- Збажди е прооден само за теретни возила со зимска опрема – вели Малески.
Во Општина Струга во с.Дренок нема струја неколку дена, нема струја и во селата Октиси, Подгорци, Лабуништа, Вишни, Пискупштина, Нерези, Мислодежда и во селата во Малесијата. Екипи на ЕВН се на терен и работат на нормализирање на состојбата.