Не може да се споредува ковид вакцинацијата со „вбризгување непозната супстанца“
Составот на ковид вакцината не е непознат. На официјалната веб-страница на Министерството за здравство, kovid19vakcinacija.mk. може да се прочита составот за сите вакцини против ковид-19 кои се употребуваат кај нас. Исто така, вакцинацијата во земјава не е присилна, секој пред да се вакцинира, пополнува изјава за согласност.
Составот на ковид вакцината не е непознат. На официјалната веб-страница на Министерството за здравство, kovid19vakcinacija.mk. може да се прочита составот за сите вакцини против ковид-19 кои се употребуваат кај нас. Исто така, вакцинацијата во земјава не е присилна, секој пред да се вакцинира, пополнува изјава за согласност.
Рецензираме пост објавен на Фејсбук во којшто се вели:
СИСТЕМСКИ ЛУЃЕНЦАКога непознат ќе ви вбризга непозната супстанца, ве фаќа паника, но кога “владата” го прави тоа, прифаќате без да се жалите…
Во склоп на постот е споделено видео од социјалната мрежа Тик Ток, коешто е шеговито направено, со цел да се придобие поголем број на прегледи и реакции од корисниците на социјалната мрежа (т.н. prank video), а каде човек се преправа дека боцка луѓе со лажна инјекција на која не ѝ е познат составот, за камерата да ја регистрира реакцијата на луѓето. Во видеото тие се вџашени, непријатно изненадени и исплашени, иако само се симулира дека нешто им се вбризгува.
За авторката на постот ова видео е доволно за да заклучи дека кога некој на улица би дошол да ви вбризга непозната супстанца, тогаш вие би реагирале панично. И сето тоа го споредува со вакцинацијата против ковид, додавајќи дека Владата го прави истото – само што луѓето го прифаќаат без да се жалат.
Меѓутоа, да се вбризга непозната состојка во нечие тело, претставува кривично дело. Во постот има изместен контекст, односно пропуштање на контекстот со ваквата споредба. Сите вакцини коишто се администрираат во Република Северна Македонија против ковид-19 се регулирани со акти на државните институции.
Не е точно дека вакцините против ковид-19 не се знае што содржат во својот состав. Вакцините пред да бидат администрирани во Северна Македонија, мора да поминат процедура на регистрација во македонската Агенција за лекови МАЛМЕД. Освен тоа, во вакцините се знае точно што има.
Што содржи вакцината „Астра Зенека“?
Една доза (0,5 ml) содржи:
Ковид-19 вакцина (ChAdOx1-S* [рекомбинантен]) не помалку од 2,5 × 108 инфективни единици (Inf.U) што кореспондира со 5 × 1010 вирусни честички..
Рекомбинантен, репликациски дефициентен аденовирусен вектор од шимпанза, кој го кодира Сарс Ков 2 шилестиот гликопротеин. Произведен во генетски модифицирани човечки бубрежни ембрионални (HEK) 293 клетки
Овој лек содржи генетски модифицирани организми (ГМО).
Помошни состојки се Л-хистидин, Л-хистидин хидрохлорид монохидрат, магнезиум хлорид хексахидрат,полисорбат 80, етанол, сахароза, натриум хлорид, динатриум едетат (дихидрат), вода за инјекции, пишува на официјалната веб-страница на Министерството за здравство, kovid19vakcinacija.mk.
Што содржи вакцината на „Фајзер“, комирнати?
Содржи активна супстанца мРНК вакцина за ковид-19. После разредување, вијалата содржи 6 дози од 0.3 mL со по 30 микрограми mRNA во секоја.
Другите состојки се: холестерол, калиум хлорид, калиум дихидроген фосфат, натриум хлорид, динатриум фосфат дихидрат, сахароза и вода за инјекции, пишува на веб-страница kovid19vakcinacija.mk.
На оваа веб-страница може да се причита составот и за другите вакцини против ковид-19 кои се аплицираат кај нас.
Состојките на „Синовак“ се наведени на македонски во упатството за употреба на оваа вакцина.
Составот на „Синофарм“, исто така, е објавен, а познати се и состојките на вакцината „Спутник В“.
Освен тоа, Владата не е таа која им вбризгува инјекции на граѓаните. Вакцинацијата во земјава е доброволна, а секој пред да се вакцинира, пополнува изјава за согласност. Документот „Ковид 19 Согласност за вакцинација“ е задолжителен за секое лице кое сака да биде вакцинирано. Документот се пополнува лично, или од страна на законски старател или овластен носител на одлуки за лицето кое ја прима вакцината. Пополнетата согласност се приложува на вакциналниот пункт. Согласноста може да биде пополнета претходно, но истата се наоѓа и на пунктовите за вакцинација каде може директно да се пополни и да се приложи.
Комисијата за заштита на населението од заразни болести неодамна препорача да се воведе нова мерка сите вработени во јавна и државна администрација да мора да го докажуваат својот негативен ковид статус или преку сертификат за вакцинација или преку ПЦР тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок, или ќе приложат потврда за прележан ковид-19, не постар од 45 дена. Со оваа мерка, Министерството за здравство посочи дека се остава можноста граѓаните кои не сакаат да се вакцинираат, да се тестираат.
Нема присилна вакцинација.
Вработените кои ги опфаќаат новите мерки имаат избор да приложуваат и негативен тест еднаш неделно доколку одлучат да не се вакцинираат, а сите оние кои имаат здравствени проблеми заради кои не може да се вакцинираат тоа не се присилени да го направат. Истите мерки кои ги предлагаме се веќе воведени во многу земји во Европа и регионот како на пример во Словенија, Хрватска и Грција кадеодамна се на сила. Во услови кога се заканува нов силен Ковид бран, должност на министерството и Комисијата е да предлагаат соодветни мерки кои со сигурност ќе дадат резултати како за намалување на ширењето на вирусот, така и за подигање на процентот на имунизирано население, велат од Министерството за здравство.
Оттука оценуваме дека во постот што го рецензираме се пропушта контекстот, кога се тврди дека Владата вбризгува непозната супстанца во телото, а дека тоа се прифаќа молчешкум. Ниту ковид вакцината е непозната, ниту пак, некој ја дава без согласност на граѓаните. Не може да се споредува ковид вакцинацијата со ,,вбризгување непозната супстанца”
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар