Искинати електрични кабли во населбата “Елен Камен“ во струшко
Невремето предизвика поголеми оштетувања на електричната мрежа во туристичката населба Елен Камен во струшко. Искинати електрични кабли кои искрат и може да предизвикаат пожар, ги загрижуваат мештаните, кои бараат надлежните да интервенираат.
Оштетени, навалени бандери и искинати електрични кабли, кои искрат со денови. Ваква е сликата во туристичката населба Елен Камен во струшко. Невремето во петокот предизвика поголеми оштетувања на електричната мрежа. Струјата е со прекини, но жителите најмногу ги загрижуваат небезбедните кабли под напон, кои може да предизвикаат и пожар.
Случајот го пријавиле неколку пати во ЕВН, но решение сеуште нема.
Имаме проблеми со дистрибуцијата на електрична енергија не е постојана, комплетно мрежата е застарена имаме побарано поддршка, но ја немаме добиено. Апелираме како месна заедница под итно да се решат овие проблеми бидејќи истите овие жици допираат до суви дрва и може да се предизвика огромен пожар – вели Емил Попоски, претседател на МЗ Елен Камен.
Патот во населбата распослана на брегот на Охридското езеро со 130 викендички е во катастрофална состојба и не доликува на една туристичка населба. Изграден пред педесет години, целиот е раскопан со огромни дупки. Мештаните бараат од општината да преземе мерки.
Патот го видовте сами каков е руиниран не може да се стигне до населбата, колите се потполно оштетени по овој пат. Истовремено имаме дадено апел за овој ѕид кој е пред паѓање, а општината нема интерес да се направи истиот – додава Попоски.
После два месеци сеуште не е расчистен големиот одрон на карпата, кој предизвика оштетувања на патот и водоводната мрежа. Надлежните не презедоа никакви мерки за санација на карпата која надвиснува на патот кон Радожда и се заканува да се урне и да ги повреди минувачите.
Новинар : Соња Рилковска