Граѓаните два пати плаќаат за лошо изведени реконструкции на улиците
Во рубриката „Ти си твојот град“ граѓани јавуваат за појава на дупка на дел од новоизградената улица „Абас Емин“. Во меѓувреме ЈП „Нискоградба“ интревенира и делумно го санира проблемот. Изведувачот ветува дека деновиве ќе постави асфалт околу шахтата. Ова отвора прашање зошто граѓаните мора два пати да плаќаат за поправки на неквалитетно изведена работа, како оваа на штотуку реконструирана улица.
Граѓани кои живеат на улицата „Абас Емин“ се жалат на ударна дупка на коловозот. Во рубриката „Ти си твојот град“ реагираа дека повеќе од две недели се соочуваат со потенцијална опасност во сообраќајот на дел од улица која беше асфалтирана пред три месеци. Возачите кои за кратко време здивнаа од постоечките ударни дупки на улицата на која ги кршеа своите возила сега се непријатно изненадени од нова појава. Се прашуваат дали станува збор за неквалитетно изведени градежни работи на улицата и стравуваат дека ќе се појави ваков проблем и на други места на улицата. Во меѓувреме ЈП „Нискоградба“ интервенира и делумно го санира проблемот. Одговор побравме од ова Јавно претпријатие на што се должи ваквата состојба.
Оттаму информираат дека во претходните работи во кои биле вклучени нивни работници на реконструкцијата на улицата прописно биле нивелирани шахтите и до 95 проценти. При асфалтирањето изведувачот ја покрил шахтата на местото каде што сега се јави проблем. Во моментов, во интерес на граѓаните претпријатието ја отвори шахтата бидејќи се појавило површинско собирање на атмосферските води кои создавале вирови на улицата. Биле принудени да ја одложат започнатата работа на овој дел од улицата заради објективни причини и појава на поприоритетни работни задачи. Пропустот на изведувачот сега треба да го поправа ЈП, а граѓаните два пати да платат за неквалитетно изведена работа. Од „Нискоградба“ информираат дека слични проблеми има и на неколку новоизградени улици како што се „Славеј Планина“ и „Момчило Јорадноски“.
Одговор за овој проблем побаравме од Фондот за комунални работи. До општинскиот портпарол упативме прашање дали Надзорот му посочил на изведувачот да ги корегира пропустите при изведување на градежните работи, но до затворање на дневникот не добивме одговор.