Skip to main content

Хуманизам

Охриѓани исполнаа новогодишни детски желби

Охриѓани исполнуваа детски новогодишни желби. Децата од ранливите семејства ќе ги добијта посакуваните подароци.
 |  Валентина Неловска  | 
Во Охрид се прават бројни хумани акции за да има насмевка на секое детско лице. Новогодишните и Божиќните празници се време за дарување и исполнување на новогодишни желби. Во тој дух разнобојни пакетчиња, украсени со црвени панделки чекаат да израдуваат 60-тина дечиња кои оставија лампиони со нивните желби на „Волшебната елка“ од Црвен крст. Лампионите со новогодишни желби беа реализирани за само неколку дена. Охриѓани несебично ги исполнија специфичните детски желби од семејствата во социјален ризик и од здружението „Тајните на моето срце“. На овој начин децата ќе се почуствуваат специјално и сакано, раскажува Анастасија Стојаноска, лидер на Клубот на млади при ОО ЦК.     
Најспецифична желба беше велосипед за која мислевме дека нема да се исполни. Лампионот остана до последниот ден додека траеше акцијата и изгубивме надеж. Тимот од Црвен крст почна да подготвува еден постар велосипед за да го израдува детето кое ја посака оваа желба. Но, за среќа една жена дојде и донесе нов велосипед. Среќни сме и ни се врати надежта во луѓето после вакви дела – истакна Стојаноска.
Хумани граѓани се вклучија со донации и во неколку други акции кои ги реализираа Димче Каневче, Виктор Какаротски и НО Енхелеус. Со донациите се развеселуваат дечињата со посебни потреби и од семејствата во социјален ризик од Охрид, Струга, Дебрца, Кичево, Ресен, Битола. Виктор е задоволен што граѓаните ја препознале нивната хумана мисија. Тој со 15-тина активисти за неколку дена доделиле 2000 пакетчиња во акцијата „Пакетчиња за сите дечиња“. До Стара Нова година очекуваме таа бројка да се зголеми, раскажува Виктор со насмевка на лицето, притоа кажувајќи кој најмногу се вклучил во нивната хумана мисија, освен охриѓани, за да ги направат сите деца среќни.
Претежно се иселеници. Но, собравме пакетчиња на два пати во центарот на Охрид, во четвртокот и неделата. Охриѓани се покажаа добро. Собравме 400 пакетчиња, а првите поделени 1000 пакетчиња беа подарени од охриѓани, тука има околу 2000 пакетчиња. Ќе купиме уште 5000 пакетчиња, а целава акција ќе е со над 7000 пакетчиња – вели Вик Какаротски.
ОО ЦК ќе ги подари 60-те подароци со организирање на предновогодишна забава со многу музика за децата во недела. Исто така, во недела ќе се даруваат и новогодишни пакетчиња за сите дечиња и од другите хумани активисти.