Изведена нова оперативна метода на рамен зглоб во охридската специјална болница „Св. Еразмо“
Со овој зафат се олеснува животот на пациентите, а се овозможува и следење на новите текови во модерната ортопедија. Од следната година ќе се продолжи со примена и на уште една нова метода за стабилизација на рамо.
Применета е нова метода во оперативното лекување во ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ Охрид. Изведена е хируршка интервенција кај пациент со фрактура на рамо на кој му е направена имплантација на рамен зглоб. Со овој зафат се олеснува животот на пациентите и на нивните семејства. Зафатот го изведе тим ортопеди, д-р Јордан Смически, д-р Огнен Шешоски и д-р Александар Стевоски, анестезиологот д-р Хари Шокароски, со помош на д-р Ненад Петков од болницата 8 ми Септември од Скопје, кој прв започна да ја применува оваа метода во државава.
Оваа метода многу значи за пациентите да се слободни од болка, слободни во секојдневните активности, да се подобри движењето и нивниот квалитет на живот. Ова ни е прва интервенција, досега пациентите се упатуваа во Скопје или странство. Во Скопје методата почна да се употребува во 2018 година, тоа не е долг период, пред тоа пациентите се лекуваа конзервативно со имобилизација со гипс, а сега драстично ќе се промени квалитетот на живот на пациентите – истакна д-р Јордан Смически, специјалист ортопед.
Охридските ортопеди кои ја изведоа операцијата скромно споделуваат дека хируршкиот зафат се должи на визијата на менаџментот, но и на тимското работење на сите нивни колеги и медицинскиот кадар од болницата. Горди сме што како тим може да ги следиме и применуваме новите методи во модерната ортопедија, вели д-р Смически од името на своите колеги.
Чест ние и голема одговорност што можеме да работиме тука и што ни се овозможуваат услови за понатамошно усовршување за да го подигнеме квалитетот на живот на пациентите во Охрид и државата кои се лекуваат во нашата установа – додава Смически.
Во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ понатамошен предизвик им е да применат уште една нова метода во хируршкото лекување на пациентите. Од следната година ќе продолжат со примена на методата артроскопска стабилизација на рамо при исчашување на рамениот зглоб.