Инспекторите не се Гeстапо, ниту пак медиумите форсираат присилна вакцинација
Во видеото се изнесува дезинформација дека невакцинираните, ако бидат затекнати во угостителски објект од инспекторите, ќе платат високи казни до 5.000 евра. Висината на пропишаната глоба за гостинот без потврда за вакцина е 250 евра во денарска противредност. Говорникот на протестот изразува соменвање во законитоста на постапувањето на инспекторите при контрола на примената на мерките за заштита против ковид-19. Уредбата на Владата, со која се пропишуваат овие мерки и потоа е дополнувана со одлуки, има законска сила. Тоа го потврдува Уставниот суд на РС Македонија, со Решение од 10.11.2021 година.
Во видеото се изнесува дезинформација дека невакцинираните, ако бидат затекнати во угостителски објект од инспекторите, ќе платат високи казни до 5.000 евра. Висината на пропишаната глоба за гостинот без потврда за вакцина е 250 евра во денарска противредност. Говорникот на протестот изразува соменвање во законитоста на постапувањето на инспекторите при контрола на примената на мерките за заштита против ковид-19. Уредбата на Владата, со која се пропишуваат овие мерки и потоа е дополнувана со одлуки, има законска сила. Тоа го потврдува Уставниот суд на РС Македонија, со Решение од 10.11.2021 година.
На протестот што се одржа во Битола во понеделникот (06.12.2021 г.), пред зградата на Управата за јавни приходи (УЈП), еден од двајцата говорници ги осуди антиковид мерките кои се на сила, изречените глоби и како што рече „ограничувањето на слободата дадена од Бога“.
Својот револт го насочи кон инспекторите на УЈП, кои според говорникот, треба да собираат пари.
„Но, да вршат инспекциски надзор, пазете, по јавни угостителски и приватни установи и да ги гонат младите, да ги заплашуваат и да им бараат сертификати и за тоа да плаќаат големи и високи глоби, тоа е недозволиво. Тоа е недопусливо, рече говорникот (од 21:00 минута на видеото).
Пазарниот инспекторат е институцијата која врши надзор над угостителските објекти за спроведување на мерките од Владата (според Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест ковид-19).
Инспекторите на терен излегуваат врз основа на задолженијата според измените на Законот за заштита на населението од заразни болести и Одлуката на Владата од 26.10.2021 година, базирана на споменатиот Закон. Според оваа одлука, во угостителски објект се дозволува влез во секаков вид на објекти од отворен и затворен тип, а за тоа од 15 ноември 2021 година е потребно:
сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примени две дози на вакцина против заразната болест ковид-19 или
сертификат/потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.
Понатаму во видеото се изнесува дезинформација дека невакцинираните, ако бидат затекнати во угостителски објект од инспекторите, ќе платат високи казни до 5.000 евра.
Овој што оди во кафич, ела си ваму, пусулчето, 1.000, 2.000, 5.000 евра. (23:55 минута од видеото).
Висината на пропишаната глоба за гостинот без потврда за вакцина е 250 евра во денарска противредност.
Глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член на физичкото лице. (членот 66-б став 4 од Законот за заштита на населението од заразни болести)
Говорникот на протестот изразува сомнeвање во законитоста на постапувањето на инспекторите при контрола на примената на мерките за заштита против ковид-19 и притоа вели:
Се удира по слободата на секој млад човек. Не мора да е млад, може и да е постар. Секој што одлучи да не се вакцинира се осеќа загрозен од инспекторите, кои се финансираат со наши пари. Овие инспeктори со една Уредба на Влада, која не знаеме колку ќе трае, ни дали е во ред и дали е правно, законски донесена. Тие изиграваат инспектори, СС Гестапо и ги казнуваат луѓето.
Уредбата на Владата, со која се пропишуваат овие мерки и потоа е дополнувана со одлуки, има законска сила. Тоа го потврдува Уставниот суд на РС Македонија, со Решение од 10.11.2021 година.
Уставниот суд одлучувал по иницијатива за оценување на уставноста на пропишаните мерки, поднесена од Дарко Јаневски од Скопје. Судот не повел иницијатива, со оценка дека мерките се според Уставот. Во Решението Уставниот суд смета дека законитоста на Уредбата произлегува од Законот за заштита на населението од заразни болести:
Со член 28 став 8 од Законот, законодавецот ја овластил Владата, а на предлог на Министерството за здравство да одлучува кои од мерките од ставот 6 на овој член, ќе се применат, случаите во кои ќе се применат и за кој временски период, што значи дека предвидените законски мерки, понатаму се предмет на операционализација со акт на Владата, при што, која и каква мерка ќе биде наредена со одлука на Владата, од влијание е моменталната состојба со заразата помеѓу населението, односно стручната проценка од надлежните институции за степенот и интензитетот на заразата помеѓу населението, следствено и стручната проценка за траењето на мерките коишто Владата, а на предлог од Министерството за здравство, може да ги нареди со одлука. При ова, иако секоја земја самостојно и суверено одлучува на кој начин ќе се справува со кризата од пандемијата и кои и какви мерки и за кој временски период, ќе воспостави на својата територија во функција на заштита на населението од заразната болест и сузбивање на истата.
Цитатот од ова Решение, е одговор и на изјавата на говорникот во протестот, кој за инспекторите вели дека „изиграваат СС Гестапо и ги казнуваат луѓето“, а обвинува дека инспекторите удираат по слободата на луѓето:
Овие луѓе тука, овие инспектори удираат по приватниот живот на секој поединец.
Уставниот суд во Решението ја дообјаснува улогата на Владата во функција на заштита на задравјето на населението:
Врз основа на законското овластување од член 28 став 8 од Законот, Владата има право да ги воспоставува и да ги укинува законски предвидените мерки, но и повторно истите да ги воспостави по нивното укинување, се додека од страна на надлежните институции не се констатираат показатели за исчезнување на заразата од COVID-19 на територијата на Републиката, или нејзино намалување до степен оценет како незагрозувачки.
Говорникот на протестот тврди и дека луѓето се принудени присилно се вакцинираат.
Недозволиво е на ваков начин да го заплашувате народот, да го плашите, да го дискриминрате и да го терате присилно да се вакцинира. (22:00 минута во видеото)
Тоа не е точно. Вакцинацијата, како што многу пати досега е повторено, е на доброволна база, за разлика од некои земји во Европа и светот, кои воведоа задолжителна вакцинација за одредена категорија на население.
При крај на својот настап пред насобраните на протестот во Битола, говорникот вината за пасивноста на граѓаните ја префрла на медиумите, па тврди:
Во Европа се протестира на големо. Се протестира насекаде во светот. Масовни протести, големи протести, кои ги нема на медиумите. Ги нема на телевизиите наши. (24:09 минута од видеото)
И ова не е точно. Само изминатите неколку дена повеќе македонски медиуми информирале за протестите во неколку европски земји.
Независен весник известува за протестите во Брисел, Белгија (05.12.2021), ТВ 24 јави за протестите во Виена, Австрија, а ТВ Канал 5 објави информација и за протесот во Струмица (05.12.2021).
За известувањето на домашните медиуми говорникот на протестот упатува уште една оценка:
Вестите служат за реклама на вакцинацијата. Вестите служат за заплашување на народот – колку починати… тие не биле вакицнирани, така биле, вака биле. Значи на секој наин преку медиум вршат, исто така, присилна вакцинација. (23:54 минута од видеото).
Како и секаде во светот, известувањето за состојбата со коронавирусот и пандемијата, македонските медиуми го базираат врз информациите кои доаѓаат од официјални извори – во случајов здравствените институции и медицинските лица, кои располагаат со тие податоци.
Улогата на медиумите во пандемијата на коронавирус е да ја обезбеди вистината, дури и ако таа вистина е мрачна, е насловот на анализата на угледниот Поинтер институт, кој ја објаснува позицијата на новинарите и медиумите за кои известуваат:
Работата на медиумите е да презентираат факти, а не надеж. Да се известува за тоа што навистина се случува, а не да се ги разубавуваат сериозни прашања за публиката да се чувствува подобро.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар