Skip to main content

Денес се празнува Бадник, денот кој го најавува Христовото раѓање

Христијаните се подготвуваат за овој празник со посета на верските храмови, а приготвуваат и посна трпеза. Коледарчињата, во помал број од вообичаено, утрово со песна го најавија утрешниот голем христијански празник Божик.

 |  Валентина Неловска  | 

Православните граѓани денес го слават Бадник. Денот со кој се најавува раѓањето Христово, најсветлиот празник во историјата на празнувањето на христијаните. Црковните храмови од утрово беа исполнети со верници кои дојдоа на утринската богослужба, вели отец Љупчо Бакрачески.    

Во тој дух на љубовта, како што Бог нас не возљуби ние се собираме празнувајќи во духот на љубовта, проштевајќи си еден на друг, сакајќи се го очекуваме моментот на Христовото раѓање – кажа отец Бакрачески.

Бадник е денот кога христијаните со молитва и посна трпеза се подготвуваат за радоста на раѓањето на Спасителот Исус Христос. Коледарчињата со песна ги посетуваат домовите и го најавуваат големиот празник. Отец Бакрачески споделува дека важно за христијаните е да постапуваат со љубов и смирение, да запалат свеќа, да појдат во црква на литургија и да се причестат. Напоменува и што не е правилно луѓето да практикуваат во верските обичаи и не се по црковните канони.

Погрешен начин е ставање паричка во лепче, таа се става на Св. Василиј, а коледарскиот оган не е црковен чин, не се ни маалски собирања, палење на оган, употреба на алкохол, па дури и пеење на недолични песни – вели отец Бакрачески. 

На Бадник во црквите богослужбите траат подолго, се служат од рано наутро со утрена литургија, Царски часови и вечерна со Св. Василиевска литургија. Во домот семејството се собира на посна, но богата трпеза која треба да симболизира бериќет и благосостојба.