Во пораст е бројот на корисници на гарантирана минимална помош во охридскиот центар за социјални работи
Корисниците на овој паричен надоместок не се опфатени во финансиската месечна поддршка за потрошена електрична енергија бидејќи и досега добивале субвенции за енергенси од државата. Министерството за економија деновиве го објави огласот за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за лицата со ниски примања со кој ќе бидат опфатени 7.500 семејства во земјава.
Охридскиот Меѓуопштински центар за социјални работи евидентира околу 700 корисници на гарантирана минимална помош кои се материјално обезбедени и 80-тина корисници на оваа помош кои се работно неспособни. Бројот на сиромашни граѓани оди во нагорна линија, укажува социјалниот работник, Горан Поп Марков, за социјалната слика во општина Охрид.
Има благ раст кој од година во година се покачува и не е само резултат ковидот па да кажеме дека дојде до некој бум, експлозија, факт е дека живееме во сиромашно општество и штом расте бројот на семејства кои користат гарантирана минимална помош од година во година сиромаштијата ни се зголемува – истакна Поп Марков.
Корисниците на гарантираната минимална помош кои добиваат финсиска поддршка од државата за заштита од сиромаштијата, не се опфатени со новата владина мерка за справување со енергетска криза.
Износот на гарантираната минимална помош изнесува според бројот на членовите во семејството. Основната помош е околу 4080 денари плус додаток субвенција за струја од 1080 денари. Овој износ е составен дел на помошта која ја добива секое семејство без разлика на бројот на членовите во семејството – вели Поп Марков.
Министерството за економија, деновиве го објави огласот за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за семејствата со ниски примања во 2022 година. Обезбедила 60 милиони денари за 7. 500 домаќинства на кои ќе им се намали сметката за потрошена електрична енергија од 600 до 800 денари месечно.
Опфатени се домаќинствата според бројот на членови во семејството кои имаат приход од 15.194 денари па се до месечни примања кои не го надминуваат нето приходот од 30 000 денари.
Финансиската поддршка ќе се доделува месечно, во времетраење од 12 месеци.