Skip to main content

Започна дводневната Меѓународна научна конференција „Охрид-Водици 2022“

Тема се глобалните трендови и предизвици поврзани со идентитетот, културното наследство, животната средина, креативните заедници, туризмот и одржливиот локален/регионален развој. Научниот собир одбележува јубилејно издание.

 |  Валентина Неловска  | 

Глобалните трендови и предизвици поврзани со идентитетот, културното наследство, животната средина, креативните заедници, туризмот и одржливиот локален/регионален развој е темата на јубилејната, десетта Меѓународна научна конференција „Охрид-Водици 2022″, што се одржува во Охрид. Рубин Земон, претседател на Програмскиот комитет на конференцијата, потсети на почетоците и развојот на меѓународната конференција. Дадовме скромен придонес за научните кругови, но голема промоција за Охрид, кажа Земон.

Промоција на културното наследство, културниот идентитет, со цел да имаме што подобра туристичка валоризација, беше целта кога се одржа првата конференција. Но, таа се менува и се збогатува со актуелни теми како што се заштитата на животната средина, а секоја година има нови трудови – вели Земон.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, се осврна на една од најавените теми на конференцијата, а се однесува на глобалните трендови и закани поврзани со идентитот и културното наследство. Потсети на важноста на идентитетските прашања и културното наследство со кое се соочува нашата држава во последните години.

Можам да кажам дека темата се совпадна со предизвиците пред кои е исправена нашата држава. Предизвикот е поврзан со нашиот идентитет и секако културното наследство кое го поседува Охрид, кое го сочувале генерациите пред нас, а ние треба да го продолжиме. Охрид е ризница на бројни артефакти со кои изобилуваат археолошки локалитети. Она што сме го наследиле и со што се гордееме треба да го промовираме како заштитен знак за нашиот град – истакна Пецаков.

Меѓународната конференција е организирана од центарот за напредни истражувања, заедно со социјалната организација за поддршка на проучувањето на културното наследство од Баку (мирас), универзитетот „Ајдин Аднан Мендерес“ од Турција, московското списание „Руски политички науки“ и журналот за глобални процеси од Мајами.

Годинешната конференција поради пандемијата се одржува и онлајн и со физичко присуство. На научниот собир учествуваа 72 учесници со 42 презентации од 15 земји. На отворањето на конференцијата поздравни обраќања имаа градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков и Роберт Алаѓозовски, национален координатор за „Едно општество и интеркултурализам“ .