Skip to main content

Ковид-19 и грип не се исти болести

Грипот и ковид-19 се две заразни респираторни заболувања, тие се предизвикани од различни вируси, предизвикуваат различни компликации, имаат различни нивоа на сериозност како и различни нивоа на смртност. Грипот се појавува сезонски односно почнува наесен, а завршува напролет со тоа што во зимските месеци се забележуваат најмногу случаи. Коронавирусот досега имаше повеќе пикови, коишто немаат апсолутно никаква врска со временските услови. Аргумент којшто е надвор од секоја логика е дека бројот на заболени расте затоа што е зима и дека тоа потврдува дека станува збор за грип. Да, зима е кај нас како и на целата Северна полутопка, но не е зима на Јужната полутопка каде што, исто така, и има голем број на секојдневни заболувања со коронавирусот.

 |   | 
Грип

Грипот и ковид-19 се две заразни респираторни заболувања, тие се предизвикани од различни вируси, предизвикуваат различни компликации, имаат различни нивоа на сериозност како и различни нивоа на смртност. Грипот се појавува сезонски односно почнува наесен, а завршува напролет со тоа што во зимските месеци се забележуваат најмногу случаи. Коронавирусот досега имаше повеќе пикови, коишто немаат апсолутно никаква врска со временските услови. Аргумент којшто е надвор од секоја логика е дека бројот на заболени расте затоа што е зима и дека тоа потврдува дека станува збор за грип. Да, зима е кај нас како и на целата Северна полутопка, но не е зима на Јужната полутопка каде што, исто така, и има голем број на секојдневни заболувања со коронавирусот.

Објава на социјалната мрежа Фејсбук ја манипулира јавноста со тоа што лажно сака да претстави дека ковид-19 и грип се исти заболувања. Ова е дезинформација. Коронавирусот и вирусите коишто предизвикуваат грип се сосема различни заболувања и никако не може да се тврди дека се исти.

Па кога ќе прочитам, толку луѓе ЗАРАЗЕНИ со ковид, ѓоа луѓево лепра имаат

А уствари имаат грип

Па зима е! Нема белким труење со сладолед да имаат

Грипот и ковид-19 се две заразни респираторни заболувања, но тие се предизвикани од различни вируси, предизвикуваат различни компликации, имаат различни нивоа на сериозност како и различни нивоа на смртност.

Ковид-19 е предизвикан од инфекција со коронавирус наречен САРС-КоВ-2 првпат идентификуван во 2019 година, а грипот е предизвикан од инфекција со вирусите на грип инфлуенца А и Б.

Бидејќи некои од симптомите на грип, ковид-19 и други респираторни заболувања се слични, разликата меѓу нив не може да се направи само врз основа на симптомите. Потребно е тестирање за да се каже каква е болеста и да се потврди дијагнозата.

И ковид-19 и грипот се шират од човек на човек помеѓу луѓе кои се во близок контакт еден со друг. И двете се шират главно од големи и мали честички кои содржат вирус, што се исфрлаат кога луѓето со болеста (ковид-19 или грип) кашлаат, киваат или зборуваат. Симптомите на ковид-19 генерално се појавуваат 2-14 дена по изложувањето на коронавирусот, а симптомите на грип се јавуваат побрзо односно 1-4 дена по изложувањето.

Според Американскиот Центар за превенција и контрола на болести, коронвирусот е многу позаразен и се шири побрзо од вирусите на грип. Исто така, забележано е дека коронавирусот, за разлика од грипот, може брзо и лесно да се прошири на многу луѓе и да резултира со континуирано ширење меѓу луѓето како што одминува времето.

Иако голем дел од симптомите кај овие две болести некогаш се поклопуваат, со ковид-19 може да почувствувате губење на вкус, мирис или двете. Тешката болест, како што е оштетување на белите дробови, е почеста при заразувањето со коронавирусот отколку  во случај на грип.

Коронавирусот и грипот значително се разликуваат и во смртноста која што ја предизвикуваат. Светската здравствена организација проценува дека од 290.000 до 650.000 луѓе ширум светот годишно умираат од последици поврзани со грип. Од коронавирусот, кој во светот е присутен точно две години досега починаа над 5,5 милиони луѓе. Лекарите и научниците сè уште работат на проценка на стапката на смртност од ковид-19. Во моментот, се смета дека е значително повисока (можеби 10 пати или повеќе) од онаа на повеќето видови на грип. Во САД повеќе од 630.000 луѓе починале од ковид-19 во 2020 и 2021 година. За споредба, во текот на сезоната на грип 2019-2020 година во САД околу 22.000 луѓе починале од грип.

За разлика од грипот, коронавирусот може да предизвика и таканаречен „долг ковид“, којшто претставува состојба на низа симптоми што може да траат со недели или месеци по заразувањето или може да се појават неколку недели по инфекцијата. Долг ковид може да му се случи на секој што имал ковид-19, дури и ако болеста била лесна или ако немал симптоми.

Прво важно е да напоменеме дека грипот се појавува сезонски односно почнува наесен а завршува напролет со тоа што во зимските месеци се забележуваат најмногу случаи на заболување. Коронавирусот досега имаше повеќе пикови, коишто немаат апсолутно никаква врска со временските услови надвор. Пикови имаше и во летен период и кога времето беше студено.

Аргумент којшто апсолутно не држи вода и е надвор од секоја логика е дека бројот на заболени расте затоа што е зима и дека тоа потврдува дека станува збор за грип. Да, зима е кај нас како и на целата Северна полутопка, но не е зима на Јужната полутопка каде што исто така е присутен коронавирусот и има голем број на секојдневни заболувања. На пример, во Аргентина која се наоѓа на Јужната полутопка, сега е лето, а не зима и таму бројот на заболувања од коронавирус на 17 јануари изнесуваше 102.458 лица.

Тврдењето дека е зима и затоа има заболени пропаѓа и кога ќе се погледнат бројот на заболени што ги имавме и во летниот период. На 25 август во С. Македонија беа регистрирани 1.164 нови заболувања. Слична бројка на новозаразени имавме и на 7 јануари оваа година кога беа регистрирани 1.171 нови заболени лица.

Неодговорно е да се тврди дека ковид-19 и грип се исти болести кога секојдневно слушаме за нови и нови смртни случаи поврзани со компликации кои што ги предизвикува коронавирусот. Освен високиот број на заболени и починати лица, пополнувањето на болничките капацитети, исто така, многу говори за сериозноста на овој вирус. Поради преголемиот број на заболени, на кои им беше потребна хоспитализација низ целата земја се формираа околу 30 ковид-центри за да можат да се згрижат сите на кои што им беше потребна лекарска помош. Ова никогаш не беше случај со заболени од сезонски грип.

Затоа е многу погрешно да се изедначуваат двете заболувања, а уште по погрешно и неодговорно е да се шират невистини коишто имаат за цел да ја убедат јавноста дека ковид-19 не е сериозна болест и дека станува збор за грип.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар