ТВ М успешно го имплементира проектот „Ти си твојот град“, чија цел е да ги доближи граѓаните до медиумот, охрабрувајќи ги да станат ангажирани граѓани во процесите во заедницата, пишува во статијата објавена од Journalift.
Регионалниот медиум ТВМ идејата за вклучување на граѓаните во своето известување ја подигна на повисоко ниво – таа како дел од проектот „Media for All“, ги покани граѓаните да споделуваат фотографии и видеo–содржини, кои укажуваат на проблеми во општината. Освен тоа, таа обучи и неколку граѓани да известуваат – пишува Journalift.
„Ти Си Твојот Град“ веќе 9 месеци се спроведува на територијата на општините Охрид, Струга, Дебрца и Вевчани. Најголемиот дел пријави од граѓаните се однесуваат на проблеми од сообраќајната сфера, екологија, комунални проблеми, инфраструктура и урбанизам. Најактуелните и издржани пријави беа целосно развиени во новинарски прилози. Овој пристап резултираше со зголемен број на посети на веб-страница и на профилите на медиумот на социјалните мрежи, пренесува Journalift.
„Да се биде дел од проектот „Media for All“, значи многу за нас. Знаењето и поддршката што ја добивме од експертите и од нашиот ментор, заедно со обуката и курсевите за е-учење, ни помогнаа дополнително да напредуваме во нашата работа и да испорачаме нови и свежи содржини, за нашите гледачи.“ – вели за Journalift, управителката на ТВМ, Ирена Арнаудова.
Journalift е онлајн платформа наменета за сите кои сакаат да дознаат повеќе за развојот на медиумите, медиумскиот бизнис и најновите трендови во медиумската индустрија. Соработува со 150 медиумски куќи од 6 земји од Западен Балкан.