Skip to main content

Охридска гастрономија

Регистер на микро производители на храна

Поврзување со угостителите за меѓусебен бенефит. Ова се овозможува со формираниот охридски конвивиум на SLOW FOOD организацијата.
 |  Валентина Неловска  | 

Охридските производители на храна и пијалоци ќе ја промовираат локалната гастрономија. Поголема промоција се овозможува со конвивиумот на SLOW FOOD организацијата на Македонија. Досега нашиот регион е познат само по автохтоната Охридска пастрмка, а гастрономската понуда може да е многу поголема, информира професор д-р Ангела Крстаноска Пјачели, која активно е вклучена во македонската SLOW FOOD организација која брои 10 конвивиуми и 3 президиуми. Од големата палета на локални производи ги наведува охридските цреши и праски, домашната зимница, ѓомлезето, домашниот леб со маја, макалото, охридската сорта вино, микро гринсот.

Јас сметам дека во следниот период треба да се потенцира охридската цреша, која е со висок квалитет и е карактеристична за регионот. Досега во ниеден ресторан не се промовира некој десерт или јадење со охридската цреша која треба да се презентира на уникатен начин и да се направи доживување кое посетителите  нема да го заборават – истакна Крстаноска Пјачели.

Локалните производители ќе бидат вмрежени во регистер на храна и пијалоци. Добредојдени се сите производители кои сакаат да бидат дел од организираниот настап на локалниот пазар.

Ќе се направи база на податоци за производителите и нивното производство.

Следна цел е вмрежување со угостителскиот сектор. Угостителите треба да се свесни дека е многу важно да земаат храна директно  од локалните производители. Но, за тоа треба да имаме дата база податоци како што се : со кој капацитет се произведува, кој е квалитетот, во кој дел од годината се достапни производите – вели проф. д-р Крстаноска Пјачели.

Од конвивиумот на SLOW FOOD организацијата очекуваат поддршка од секторот за туристичко-локалниот економски развој при Локалната самоуправа во отворање на типични slow food ресторани. Исто така, е потребно вон сезона да организира голем гастрономски настан со добра локална храна кој ќе привлече голем број гости.