Skip to main content

Вртоглав раст на цените на становите на охридското крајбрежје

Во централното градско подрачје цената на недвижностите достигнува и до 1500, а на крајбрежјето и до 2000 евра за метар квадратен. Има интерес за купување плацеви во руралните средини, но нема урбанистички планови за градење.

 |  Валентина Неловска  | 
Охрид градба езеро

Вртоглаво растат цените за метар квадратен на становите и апартманите во Охрид и крајбрежјето. Расте побарувачката за купување недвижности, а се зголемуваат и цените. Пазарот на недвижности бележи промени во изминатите три години, укажува Наташа Цветкоска Спасеска од Агенцијата за недвижности „Капитал“. Посочува дека според податоците од Народна банка растот на недвижностите во Македонија е за 11 проценти поголем, а во Охрид и повисок. Покрај влијанието на економскиот фактор како што се понудата и побарувачката врз зголемување на цената за метар квадратен се рефлектираат и други фактори меѓу кои инфлацијата и порастот на цените на градежните материјали.

Според нашите податоци со кои располагаме растот на цените, кумулативно изнесува од 20 до 30 проценти. Во моментов, цената на недвижностите во централното градско подрајче се движат од 1200 до 1500 евра за метар квадратен, во близина на Билјанини извори и останатите делови од градот достигнува од 850 до 1100 евра, а на ривиерата се прилично високи цените и се движат од 1500 до 2000 евра за метар квадратен – истакна Цветкоска Спасеска.

На пазарот на недвижности има помала понуда на станови, а поголема побарувачка. Случувањата со здравствената криза и монетарно- фискалните состојби го раздвижија пазарот на недвижности и во околните рурални населби. Домашни и странски граѓани се заинтересирани да вложуваат средства во купување на плацеви за градби во Велестово, Рамне, на потегот кон Свети Стефан. Во Охрид се намали интензитетот и габаритот на  градбите со Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, а од друга страна граѓаните сакаат своите средства да ги инвестираат во недвижности наместо да ги чуваат во банките. 

Има интерес за купување куќи во периферија и руралните средини, а и за купување плацеви. Но, се соочуваме со проблем нема урбанистички планови и плацеви кои ќе одговараат на понудата. Имаме земја но не е градежна, не е урбанизирана. Се недеваме дека во идниот период ова ќе се реши. Општината е во процес на урбанизација на руралните подрачја и наскоро ќе заврши – вели Цветкоска Спасеска.

На пазарот на недвижности скоро и да нема понуди за продажба на плацеви во градот, а има голем интерес за купување. Мал е интересот и за купување куќи за разлика од побарувачката за станови и апартмани.