Урбанизам
Никнуваат дивоградби во НП Галичица
Моќниците глуви на законските одредби. Институциите инертни по пријавите за нелегалните појави.
Изградбата на дивоградби продолжува во Националниот Парк „Галичица“, а надлежните институции толерантни кон бесправните градби изградени во Националниот парк.Бесправно се градело во најатрактивните делови на крајбрежјето како што се населбите Трпејца, Пештани, Велестово, Коњско, Рамне и Љубаништа. Се граделе нелегални објекти во зоната за одржливо користење, но и во строго заштитената зона на паркот.Од НП Галичица напоменуваат дека се градело и на узурпирано државно земјиште. Оваа национална установа пријавила дванаесет дивоградби во 2021 година и во двата месеци од оваа година. Нелегалните градби ги пријавиле до Општинскиот инспекторат, до Државниот градежен инспекторат, до Основното јавно обвинителство, до Народното правобранителство, до Министерството за животна средина и просторно планирање.Месец и половина ТВМ Телевизија бара одговор од Општинскиот инспекторат дали добиле пријави и како ќе постапуваат кон дивоградбите во НП Галичица. Добивме одговор дека до Општинскиот градежен инспекторат нема пријави за нелегални градби во Националниот парк.Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски од Охрид повика сите надлежни институции да постапуваат според надлежностите за да се спречи неконтролираното градење во Охрид, крајбрежјето и регионот кој е под заштита на Унеско. Инспекторите се должни да прават контроли секојдневно и да ги отстрануваат дивоградбите, кажа Бочварски.
Апелирам до институциите сите сме во битката, да овозможиме сите контроли и инспекции од општината, Државниот градежен инспекторат да се на терен и да ги контролираат градбите, да ги санкционираат појавите во Охрид и регионот со заеднички сили да го заштитиме Охрид и регионот. Планот за управување мора да се почитува за да покажеме пред Унеско дека го спроведуваме – истакна Министерот Бочварски.Невладини организации и граѓани се обратиле до Министерството за транспорт и врски каде што побарале да се направи контрола на терен, за да се спречат дивоградбите, а Охрид, регионот и Езерото да го зачуваат статусот на заштитено подрачје под Унеско.