Skip to main content

Еврокомесарот Оли Рен во Македонија

Времето до објавувањето на извештајот за напредокот на Македонија во евроинтеграциите и исполнувањето на осумте критериуми е кусо.

Oli Ren
Оли Рен
Времето до објавувањето на извештајот за напредокот на Македонија во евроинтеграциите и исполнувањето на осумте критериуми е кусо.

Ова е пораката што на македонскиот државен врв ќе му ја пренесе еврокомесарот за проширување Оли Рен за време на денешната посета на Скопје.

Oli RenКомесарот рен во Скопје треба да се сретне со претседателите на Државата, на Собранието и на Владата, Ѓорге Иванов, Трајко Вељаноски и Никола Груевски. Исто така предвидени се и средби со министрите вклучени во процесот на евроинтеграции, како и со Националниот совет за евроинтеграции при Собранието.

Главните забелешки на ЕУ за Македонија се однесуваат на недостигот на политички дијалог, реформите во судството и борбата против корупцијата, а унијата очекува значителен напредок во реформите за сите осум критериуми, зададени пред речиси 1,5 година.

Европската комисија (ЕК) извештајот за напредокот на земјата ќе го објави во средината на октомври годинава и се помали се надежите за значителен исчекор во исполнувањето на таканаречените бенчмаркови.

Од есенскиот извештај на ЕК зависи дали Македонија, која има статус на кандидат за членство во Европската унија од 2005 година, ќе го добие толку очекуваниот датум за почеток на претпристапни преговори.

Се очекува еврокомесарот Оли Рен во Скопје да изрази надеж дека спорот со Грција за името ќе биде решен, во името на европската заложба за добрососедски односи.

Светскиот Македонски Конгрес соопшти дека во врска со посетата на еврокомесарот, денеска од 13-15 часот пред Владата ќе организира мирен протест за да ја предупреди Унијата поради притисокот за промена на државното име Македонија.

Исполнувањето на условите за укинување на визниот режим со ЕУ за граѓаните на Македонија не треба да се доведува во врска со почетокот на претпристапните преговори, сметаат дипломатските извори, додавајќи дека датумот за почеток на преговорите зависи од напредокот во реформите во врска со осумте критериуми.

Македонија има време до средината на септември да направи напредок во рамките на политичкиот дијалог, независното судство, борбата против корупцијата, реформите во полицијата, непартизираната јавна администрација, имплементацијата на Охридскиот договор, почитувањето на човековите права, како и во јакнењето на економијата и намалувањето на невработеноста.

{loadposition content9}